Во кампањата на Трамп, американската индустрија на нафта и гас досега вложила 7,36 милиони долари, што е речиси десет пати повеќе во однос на неговата соперничка во борбата за претседателската номинација Ники Хејли која собрала 807.000 долари.
Претседателот на САД Џо Бајден, и покрај рекордното производство на нафта за време на неговиот мандат во Белата куќа, од индустријата на нафта и гас добил само 635.000 долари за кампањата, пренесува Блумберг.
Производството на нафта и гас во САД и извозот на нафта и течен природен гас (ЛНГ) цветаа минатата година, а многумина во индустријата сметаат дека тоа било и покрај политиката на Бајден, а не благодарение на неговите потези, пишува американскиот медиум.
Здруженијата во секторот на нафта и гас често ја критикуваат енергетската политика на Бајден, тврдејќи дека таа е „непријателска“ кон таа гранка на индустријата, како и дека ја поткопува американската економија и работните места.