Со седницата за промените во раководството, Надзорниот одбор ќе постапи по насоките што ги доби од Владата на 9 јануари, а по упадот во институцијата на почетокот на месецов, пренесе МИА.
По именувањето на новите директори, како што објаснуваат од М-НАВ, следува потпишување на записникот од седницата и доставување на потребната документација до Централен регистар, од каде се добива решение за заокружување на сите процедури што се очекува да се финализира следната недела.
Претседател на Надзорниот одбор во М-НАВ е Кристијан Михајлоски, а членови Едмонд Калиќи и Димитар Џеков.
Како што информираа од Владата претходно, кандидатот за нов извршен директор Хекуран Асани е вработен во М-НАВ од 2005, а од 2007 година ги извршува обврските на контролор на летање. Во 2010 година се стекнува со лиценца за извршен контролор, а од 2021 година е воедно и интруктор за областа контрола на летање (OJTI). Асани како вработен во М-НАВ и долгогодишен контролор на летање, воедно ја извршува и функцијата на супервизор на контрола на летање.
Милан Кораќ на позицијата извршен директор во СВТ во М-НАВ доаѓа од позицијата раководител-инструктор за електроенергетика во М-НАВ. Кораќ пред позицијата во М-НАВ, 14 години бил вработен во Агенцијата за цивилно воздухопловство, на позицијата раководител-инструктор за електроенергетика во секторот за воздухопловна техника. Има повеќе од 25 години работно искуство во областа на воздухопловството.
По препорака од Владата, Инспекторатот за труд веќе изврши вонреден инспекциски надзор за работењето на „М-НАВ“ и синдикатите и треба да подготви записник. Препорака од Владата доби и Агенцијата за цивилно воздухопловство, да продолжи со започнатите активности кои произлегуваат од спроведениот вонреден инспекциски надзор за утврдување на состојбите околу безбедноста и обезбедувањето на воздушниот сообраќај, а проверки вршеше и Управата за финансиска полиција.
За инцидентот на 4 јануари во М-НАВ, Основното јавно обвинителство Скопје отвори истражна постапка против осуммина за кои постои основано сомнение дека како соизвршители сториле кривично дело загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај. Од нив, веднаш беа приведени четворица, а на 12 јануари уште еден од другите четворица по кои се трага. На приведените им е определена мерка куќен притвор.
По владината одлука за промени во раководството на М-НАВ, Струковиот синдикат на контролори на летање (ССКЛ), кој во изминатиот период реагираше за работењето на актуелното раководство на М-НАВ и спроведувањето на огласите за вработување, ја стави во мирување одлуката за генерален штрајк.
„Ќе ја анализираме целата состојба и случувања и ако има позитивна реализација на препораката од Владата до надзорниот одбор ќе ја повлечеме одлуката за штрајк. Очекуваме соработка со новите директори затоа што станува збор за долгогодишни оперативци, изјави претседателот на ССКЛ“, Александар Тасевски.