сабота, 18 јануари 2025

Над 220 граѓани утре ќе скокаат во Вардар по светиот крст за Водици

Над 220 граѓани утре ќе се обидат да го фатат крстот што ќе биде положен во реката Вардар во Скопје, по повод празникот Богојавление-Водици. Осветувањето на водите на реката Вардар и чинот на положување на Чесниот крст и оваа година традиционално го организира Скопската православна епархија при МПЦ-ОА.

Објавено на

часот

Сподели

Литургијата ќе почне утре во 9 часот во храмот „Рождество на Пресвета Богородица“, каде што ќе чиноначалствува владиката Јосиф.

По завршување на литургијата, во 11:30 часот владиката Јосиф, заедно со свештенството во поворка ќе се упатат кон мостот „Слобода“ каде ќе започне „Водосветот“, а потоа ќе се положи крстот во реката Вардар.

Богојавление- Водици го празнуваат православните верници уште од вториот век. На овој ден, според христијанското предание, Свети Јован Крстител го крстил Исус Христос во реката Јордан. Празникот се нарекува уште и Водици поради големиот водосвет што го извршува црквата на овој ден.

Според верувањата, оној кој ќе го фати крстот, ќе го следи среќа и благослов цела година. Фаќањето на крстот значи соединување на човекот со Христа, а се верува дека со положувањето на крстот, водите стануваат лековити.

Во земјава, согласно Законот за празници, Богојавление-Водици е неработен ден за граѓаните од православна вероисповед.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ