Многу долго се веруваше дека таа формула е Европската Унија, веројатно до моментот кога во 2019 година, по промената на името на државата со Преспанскиот договор, Македонија повторно доби вето за почеток на преговорите со ЕУ од Франција, наместо од дотогаш „дежурната“ Грција. Во Македонија, за најголем дел од граѓаните, тогаш беше урнат митот за ЕУ како формула за национално обединување, секако покрај уште неколку други верувања за нејзината веродостојност и принципиелност.
Во својот годишен говор во Собранието, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, повика на обединување во однос на евроинтеграциите и на консензус меѓу власта и опозициата околу заедничките државни интереси, односно на заедничка позиција околу условот во преговарачката рамка за уставни измени.
„Предложивме излезно решение дури и за едно нерационално барање. Со креативно интерпретирање на преговарачката рамка, односно заклучоците, сметаме дека единственото можно решение би било она за уставни амандмани со одложно дејство утврдено во Уставниот закон за спроведување на амандманите, што веќе неколкупати сме го примениле. Во случајов, vacatio legis би се врзал, односно амандманот би стапил во сила по завршувањето на нашите преговори и ратификацијата на договорот за нашето членство во ЕУ. Ова би било ‘вин- решение’ за Бугарија, зашто би го остварила своето барање, ама подоцна, а во меѓувреме, би ни помагала во евроинтеграциите, во духот на преамбулата на договорот за добрососедство и пријателство, свесна дека колку побрзо ќе завршат нашите преговори, толку побрзо таа ќе дојде до целта. За нас, ‘вин’ би била можноста да се занимаваме со европски реформи, наместо со балкански пречки и ние би брзале да ги завршиме преговорите. За двете држави вин-вин би било засиленото пријателство и докажаното добрососедство“, предложи претседателката Сиљановска-Давкова.
Движењето ЗНАМ, дел од актуелната коалиција на власта, своите гледишта за обединување и единство ги артикулираше во конкретна платформа, која ја достави до парламентарните партии, но и во партиското седиште на носечкиот партнер во власта, ВМРО-ДПМНЕ. Документот е наречен Платформата за македонско национално единство и дефинирање на македонските национални црвени линии, а таа е поставена на девет точки.
„Ова е наше предизборно ветување. Нејзината цел е да ги обедини сите политички фактори за да се изгради државен став со кој ќе се обезбеди и гарантира достоинствен пат на Македонија за остварување на нашата стратешка цел – полноправното членство во Европската Унија“, изјави на прес-конференција претседателот на Движењето ЗНАМ, Максим Димитриевски, при претставувањето на платформата.
ЗНАМ добија ветување од ВМРО-ДПМНЕ дека предложената платформа ќе биде разгледана, со ставот на лидерот на партијата, воедно и премиер на Владата, Христијан Мицкоски, дека „добро е да се изгради национален консензус така што ги поздравувам сите иницијативи што водат во таа насока“.
Досега, партиите од албанскиот блок, на оваа платформа – иницијатива реагираа со воздржаност или отворено неприфаќање, но тоа не ги обсехрабрува ЗНАМ да бараат собраниска процедура и дебата за неа. Од најголемата опозициска партија, од условно кажано – македонскиот блок, СДСМ, „одговорот“ е – нивни предлог за натпартиска и надетничка државна стратегија, „која ќе го гарантира долгорочниот развој на државата и ќе ги обедини политичките партии околу реални и издржани планови“.
Лидерот на опозициската СДСМ, Венко Филипче, предложи да се создаде заедничка платформа во која сите партии ќе имаат свој придонес и никој нема да ја поседува. Тој смета дека тоа е рецепт за вистинско обединување.
„Бидејќи СДСМ никогаш не била и нема да биде неконструктивна опозиција, еве јас ќе им дадам реална понуда, а не таква лажна за поделби. Ги повикувам да создадеме заедно државна стратегија и платформа која ќе биде натпартиска, наднационална и надетничка. Да создадеме заедничка платформа во која сите партии ќе имаат свој придонес и никој нема да ја поседува. Тоа е рецепт за вистинско обединување“, изјави Филипче на прес-конференција по повод шест месеци работа на Владата.
Тој предложи да се формираат тимови од сите парламентарни партии кои ќе работат на платформата и заедно да ги дефинираат стратешките позиции во сите области.
„Да ги дефинираме клучните проекти и во здравството, и во образованието, и во надворешната политика. И сите заедно да излеземе пред граѓаните и да кажеме ова е планот за државата, и ова се проектите кои ниедна влада, ниту сега, ниту во иднина нема да ги кочи и опструира“, истакна Филипче, според кого, тоа е „реален патриотизам“ и пристап со кој „може да се обезбеди долгорочен развој и стабилност во државата“.
Иницијативите и предлог-платформите за национално единство не се непозната пракса во политичкиот живот во Македонија. Но токму таквото искуство, во кое ваквите предлози се „архивирале“ како кажани, па заборавени, го поставува прашањето колку сето тоа е реално изводливо и дали всушност се на иста фреквенција тие иницијативи на национално едниство. Профеосрката по меѓународни преговори и медијација, Ида Мантон, смета дека успех на барем една иницијатива мора да се обезбеди инклузивен, непартизиран процес, но таа има впечаток дека досега партиите нудат само политизирани изјави и обиди за обновени политички кампањи, црвени линии и поделби.
„Постигнување национален консензус во демократска држава не е обврска, но е посакуван исход, особено за прашања од државничка важност и клучни стратешки цели, како нашата интеграција во ЕУ. Повик кон национално единство на овие теми е добра идеја, но само доколку тоа се изведе беспрекорно, а не само да се крене прашина без конкретни предлози за процедура, теми, експерти и слични клучни елементи од еден дизајниран процес. Опасно е ваквите паушални повици да прераснат во натпревар меѓу политичките партии, наместо да прераснат во процес воден од експертиза, во кој партиите би зеле учество, но не би биле единствени актери. Мора да се обезбеди инклузивен, непартизиран процес. Досега партиите нудат само политизирани изјави и обиди за обновени политички кампањи, црвени линии и поделби. Недостасува искрена заложба за обединување околу конструктивни концепти, повик кон домашната експертската фела и обезбедување компетентни експерти кои ќе осигураат дека дискусиите се во согласност со ЕУ вредности и заложби. Тоа би требало да го прават претставништвата на ЕУ (Делегацијата), ОБСЕ (Мисијата), Совет на Европа и ООН, но за жал досега искуството покажува дека наместо експертиза, од нив често добиваме повторување на непринципиелни предлози од некои земји-членки, наместо унифициран европски пристап и експертиза. Затоа можеби независни експерти од земјите членки на ЕУ, подобро би помогнале во идентификување на области важни за ЕУ- интеграциите, за да се обезбеди обединувачка испреговарана позиција. Без добро осмислен експертски тим кој ќе помогне во политичкот дијалог, мислам дека процесот ќе западне во политички натпревар за превласт и пребројување додека се постигне 2/3 мнозинство“, смета Ида Мантон, експертка за меѓународни преговори и медијација .
Јасминка Павловска