петок, 26 јули 2024

Националната припадност на судиите камен на сопнување помеѓу членовите на Судскиот совет

Прашањето дали судија Македонец, Албанец, Турчин или Влав…може да се пријави на општата листа за избор на член на Судскиот совет ги скара членовите на ова судско тело на денешната седница на која се утврдуваше кандидатската листа за избор на член на Судски совет од редот на судиите од Врховниот суд. По на моменти бурната расправа, со мнозинствот гласови беше одлучено судиите Исамедин Лимани и Цветанка Периќ да бидат кандидати за нов член на Судскиот совет. Судскиот совет денеска ја утврди и кандидатската листа за членови на советот од редот на судовите од Апелационото подрачје Битола.

Фото: скриншот

Објавено на

часот

Сподели

Судскиот совет денеска ги утврди кандидатските листи за членови на советот од Врховниот суд и од Апелационото подрачје Битола, на двете листи има вкупно пет судии.

Со шест гласа за и 5 против, Судскиот совет ја утврди кандидатската листа за член од Врховниот суд на која се кандидатите Цветанка Периќ и Исамедин Лимани.

На утврдувањето на листата претходеше бурна расправија на која членовите на Судскиот совет, секој со своите аргументи и убедувања се обидуваа да ги премислат неистомислениците зошто судијата Исамедин Лимани кој е Албанец треба или не треба да биде кандидат за член на Судскиот совет.

Дел од членовите на советот сметаа дека судијата Лимани не може да биде кандидат за член на Судскиот совет затоа што со тоа се крши Уставот, но и ќе се наруши правичната застапеност во советот.

Судијата Ивица Николовски, кој кажа дека ќе има издвоено мислење, рече дека Лимани не може да биде на кандидатската листа затоа што во Уставот, но и во Законот за Судски совет изрично пишува дека Судскиот совет се состои од 8 судии, од кои 3 се од редот на немнозинските заедници. Ако Лимани биде дел од кандидатската листа, рече тој, се нарушува правичната застапеност во Судскиот совет затоа што „бројот 3 не може да биде број 4“.

Тој на колегите од советот им покажа извештаи од претходен избор кога во Врховниот суд била направена општа листа на која се пријавувале судии македонци, но и посебна листа, на која се кандидирале врховни судии кои не се Македонци.

„Дали би било убаво ние судиите од мнозинската заедница да се кандидираме на посебната листа на немнозинските заедници? Кога ќе оди во пензија наш колега од немнозинската заедница, убаво е да му го фатиме местото на некој судија ние што сме од мнозинската заедница?”, праша Николовски.

Николовски го поддржаа Тања Чачарова-Илиевска и Антоанета Димовска.

„Прифаќањето на Лимани на општата кандидатска листа, е флагрантно кршење на Уставот. Ќе се наруши составот на Судскиот совет. Јас ќе се држам за овие уставни и законски одредби и сметам дека неговата апликација треба да биде одбиена”, рече таа.

Судијата Антоанета Димовска додаде дека врховниот судија Лимани не може да биде на кандидатската листа, а како пример ги посочи членовите на советот Мирсад Сурои и Сашко Георгиев, кои се Албанец и Влав и кои наскоро заминуваат од Судскиот совет.

„Од каде ќе бираме нивни наследници? Нормално, од редовите на помалите заедници”, рече таа.

Но со ова не се сложија Селим Адеми, Миљазим Мустафа, Мирсад Сурои и Лорета Георгиева.

Миљазим Мустафа кажа дека во Уставот има долна, но нема горна граница за претставување на помалите заедници во Судскиот совет.

Судијката Лорета Георгиева рече дека една е листата во Врховен суд и оти таа е во дилема дали може да му се ограничи на судијата Исамедин Лимани да се кандидира.

„Ако не му се дозволи да се кандидира тогаш судијата Цетанка Периќ ќе биде сама на листата и со еден свој глас ќе може да биде избрана за член на советот, за потоа да мора да го правда нејзиниот легитимен избор“, рече Георгиева.

Претседателката на Судскиот совет Весна Дамева пак го прочита Уставот и потенцираше дека во членот 104 од Уставот не пишува „најмалку тројца судии од припадниците на заедниците” и тоа според неа не е случајно.

„Јас се плашам од одговорност ако го прекршам Уставот”, кажа Дамева.

Судскиот совет денеска ја утврди и кандидатската листа за членови на советот од редот на судовите од Апелационото подрачје Битола.

На кандидатската листа за избор на член на Советот од апелационо подрачје Битола беа утврдени кандидатите Александар Камбовски, Александра Поп Стефанија и Татјана Сусулеска.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ