сабота, 21 декември 2024
Проценка на директорот на Управата за извршување на санкции

На затворскиот систем му недостасуваат 400 вработени, вели Пандов

Загрижувачка е состојбата во затворите, на затворскиот систем му недостасуваат 400 вработени, вели директорот на Управата за извршување на санкции Александар Пандов. Тој се надева на одобрување на нови вработувања и најавува повеќе реформи, како инфраструктурни, така и системски.

Фото: Фејсбук на Пандов

Објавено на

часот

Сподели

„Пред сѐ и над сѐ потребни се затворски полицајци, меѓутоа и луѓе во ресоцијализација, во финансии, во човечки ресурси, во правниот дел во управите што се на затворите. Очекувам вработувањата да бидат одобрени во текот на идната година, вели Пандов во интервју за МИА.

Една од причините за дефицитот на затворската полиција, според Пандов, е тоа што полицајците ги напуштале своите работни места од безбедносни причини, нешто, кое што, вели, дека нема да биде случај во иднина.

„Тие луѓе чувствувале дека одредени затворени лица имаат таква поткрепа од дел од директорите или надвор од некои одредени моќни политичари, што никој ништо не им може што и да направат внатре и како и да се однесуваат кон затворските полицајци. Тоа е веќе заборавена приказна и затворениците кои така се однесуваат ќе бидат најстрого санкционирани во рамки на законите“, посочува Пандов.

Состојбата во македонските затвори Пандов ја подели на два дела – инфраструктурна, односно како изгледаат затворите и второ – какви се условите, односно како се работело во нив. Како затвори со добра инфраструктура ги издвојува кумановскиот затвор, Воспитно-поправниот дом – Тетово и отвореното и затвореното одделение во Идризово за кои потенцира дека се изградени во времето на претходното владеење на ВМРО-ДПМНЕ.

 

„За жал, има одреден број на затвори во кои инфраструктурно мора да се инвестира и тоа сигурно дека ќе биде направено во идно време. Инфраструктурно кога говорам, исто така е голем проблем што за жал во Идризово е завршена само првата фаза од неговата изградба. Уште од 2010 година, Македонија добива заем од Банката за развој при Советот на Европа за изградба на супер нов затвор во Идризово и завршена е само првата фаза. Во минатите седум години не е направено ништо, а притоа, кога би била завршена и втората фаза би било направено супер ново и современо затворено одделение. Она што за мене е многу важно е притворското одделение. Би имало и нова кујна, нова амбуланта за затворениците, кога би се направило тоа“, вели Пандов.

Тој додава дека дел од позајмените пари се потрошени за отвореното и полуотвореното одделение, а остатокот се под мораториум затоа што, како што информира, при контролите на Комитетот за превенција од тортура имало големи забелешки за македонските затвори.

„Од Комитетот треба да дојдат од 7 до 10 октомври во Македонија, ќе имаме состанок, меѓутоа ќе имаат состанок и со министерот за правда Игор Филков и со премиерот на Република Македонија, Христијан Мицкоски. Јас и повиканите ќе направиме сѐ да ги увериме дека правиме и ќе правиме сѐ за подобрување на забелешките што ги имаме од нив за да можеме да започнеме. Се надевам дека в година ќе започнеме, ќе го распишеме тендерот и ќе ја почнеме втората фаза“, дополнува Пандов.

Како главни цели ги издвојува изградбата на втората фаза и пуштањето во употреба на судницата во затворот „Идризово“.

Проблемот со пренатрупаноста во затворите, според Пандов, може во голема мера да се реши со Законот за пробација.

„Има два начини да се реши тоа. Едниот е побавен, меѓутоа во голема мера ќе ги реши работите. Тоа е она што го говорев – сите да засукаме ракави и час поскоро да почне со изградба втората фаза на затворот Идризово, затоа што над илјада легла ќе се добијат со завршување на втората фаза. Меѓутоа, има уште една работа што би сакал да ја потенцирам, а тоа е Законот за пробација со кој осудениците имаат право на условен отпуст, посочува Пандов.

Информира дека покрај 11-те пробациски канцеларии во државава, се очекува да се отворат уште три.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ