сабота, 27 јули 2024

На Западниот Брег загинаа шест Палестинци и една израелска полицајка

Во израелски воздушен напад рано утринава загинаа шест Палестинци на окупираниот Западен Брег, израелска полицајка загинала кога нејзиното возило удрило во бомба покрај патот, соопштија извори од двете страни.

Епа

Објавено на

часот

Сподели

Насилството на Западниот Брег ескалира по почетокот на војната меѓу Израел и Хамас, кој владее со друга палестинска територија, Појасот Газа.

Израелските сили често навлегуваат во окупирана територија, вклучувајќи го и екстремистичкото упориште Џенин и блискиот бегалски камп.

„Во бомбардирањето на окупаторите врз група граѓани, шест лица загинаа во Џенин“, соопшти Министерството за здравство на палестинската управа со седиште во Рамала.

Една израелска полицајка е убиена за време на операција во бегалскиот камп Џенин, соопшти армијата, додавајќи дека уште тројца полицајци се повредени.

Засега не е јасно дали Палестинците и израелската полицајка загинале во текот на истата операција.

Палестинската новинска агенција Вафа рано утринава објави дека големи израелски сили се распоредени во Џенин и дека шест Палестинци, од кои четворица браќа, загинале во напад на израелско беспилотно летало.

Израелските воени напади во Џенин често предизвикуваат судири меѓу војниците и палестинските екстремисти. Армијата тврди дека цели на „терористи“ во рациите, палестинското Министерство за здравство вели дека голем дел од жртвите се цивили.

Западниот Брег е под израелска окупација од Шестдневната војна во 1967 година.

Од почетокот на војната меѓу Израел и Хамас, според палестинското Министерство за здравство, најмалку 327 лица се убиени на Западниот Брег. Тие биле убиени од израелски војници и еврејски доселеници.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ