сабота, 27 јули 2024
Интервју

Гуритин: На вештачката интелигенција треба да ѝ верувате само ако знаете како да ја користите

Разговорната вештачка интелигенција е нов начин на зборување со машини, кои го имитираат секојдневниот разговор помеѓу луѓето, вели Томас Гуритин, експерт за разговорна вештачка интелигенција и четботови. Во интервју за МКД.мк тој објаснува дека на вештачката интелигенција треба да ѝ се верува само доколку знаете како да ја користите или кој ја развил. Сепак, препорачува Гуритин, при употребата на вештачката интелигенција во секојдневниот живот не треба да се заборави да се користат техниките од старата школа.

Фото: Роберт Атанасовски

Објавено на

часот

Сподели

Г-дине Гуритин, што е точно разговорната вештачка интелигенција (ВИ)?

– Ние сме почетник во таа технологија. Разговорната вештачка интелигенција е нов начин на зборување, нов начин на разговор со машини. Тоа може да биде разговор за поддршка на клиенти, може да биде разговор за да им се помогне на пациентите по операција, на пример. Можеби и вие веќе разговарате со вештачка интелигенција, но без да знаете дека тоа е автоматизиран систем, можеби. Тоа е нов начин за автоматизирање на разговорите. Тоа е она што е разговорната вештачка интелигенција.

Кои се примарните компоненти на разговорната вештачка интелигенција? Претпоставувам дека постојат некои системи и како тие комуницираат?

– Да, има две главни теми. Првата е онаа кога корисникот ќе каже нешто, по што се активира одговор. Но корисникот може, исто така, да зборува како што зборуваме ние сега. И тогаш треба да разберете што зборува вештачката интелигенција. И тогаш ни треба, она што го нарекуваме, обработка на природен јазик (ОПЈ), за да може вештачката интелигенција да разбере што зборува корисникот, а потоа да може да му одговори затоа што ВИ разбрала што сака корисникот и потоа му дава одговор.

Можете ли да ни го опишете процесот на разбирањето на содржината на разговорната вештачка интелигенција? Кои техники и технологии можеме да ги користиме во секојдневниот живот?

– Има многу техники. Новата техника е како ЧетГПТ (четбот). Изгледа магично затоа што не треба да правите многу работи. Само треба да внесете малку текст во ЧетГПТ, а потоа го имате одговорот. Но, ако сакаш да развиеш медицински асистент, на пример, треба да контролираш каков ќе биде одговорот. Значи, за да го направите тоа, имате, на пример, техники од старата школа, што значи дека треба да разберете кои се главните теми на кои пациентите ќе зборуваат кога разговараат со четботот и потоа се обидуваме да добиеме 10, 15, 20 реченици на кои четботот ќе знае дека може да одговори.

Спомнавте техники на старата школа. Дали е тоа клучот на сè, техниките на старата школа?

– Не знам дали тоа е клучот за сè, но претпочитам да користам ваков вид алатки бидејќи знам што правам. И разбирам зошто го правам тоа, наместо само да користам големи јазични модели како ГПТ и да се надевам дека одговорот ќе биде добар. И повеќе е за тоа како го дизајнирате вашиот разговор. Ако сте во служба за поддршка на корисници, на пример, секогаш се исти теми, секогаш истите прашања, така што не мора да користите голем модел со вештачка интелигенција. Кога знаете зошто ги правите работите, тогаш апсолутно ви треба голема технологија зад тоа.

Ајде да зборуваме за разговорна вештачка интелигенција и новинарство и дезинформациите. Дали новинарите имаат алатки што можат да ги користат во секојдневната работа?

– Ќе треба да користите алатки дизајнирани за таа конкретна употреба. Ако сакате да користите ЧетГПТ, на пример, тоа е основното. Ако го користите него, не можете целосно да му верувате. Прво, мора да ги знаете границите, а потоа да го користите. Но ако сакате да користите алатки за решавање на многу специфични теми, како откривање дезинформации, на пример, треба да одите чекор понатаму. Треба да одите понатаму и да разговарате со истражувачите, со нивните сопствени алгоритми, да тренирате за податоците што ги користите. Кога зборуваме за новинарството и дезинформациите, ако сте новинар, може да користите алатки како ЧетГПТ за да ви помогнат, можеби да гребнете под површината на некој проблем и да имате нова тема. Но сепак, треба да ги внесете своите истражувачки вештини и вашата експертиза за она што го пишувате. Затоа многу е важно да знаете дека ВИ може да ви помогне, но треба да знаете каде се границите. Да знаете како да ја користите.

Каква улога игра анализата на чувствата во разговорната вештачка интелигенција и како може да се искористи таа за да се подобри комуникацијата со корисниците?

– Не сум голем поборник на анализа на чувствата. За мене, тоа сè уште не функционира. Не знам. Можеби во иднина ќе функционира подобро. Но кога вештачката интелигенција разговара со корисник со одредена цел, таа знае како ќе оди разговорот и тогаш не се потребни вакви детали за навистина да му се обрати на корисникот.

Кога зборуваме за ВИ и користењето на четботите, многу важна тема е заштитата на личните податоци. Дали четботот знае сè за нас?

– Тоа прашање повеќе е прашање на писменост отколку на технологија. Тоа е како кога објавувате на Фејсбук, на Инстаграм или на која било друга платформа што ја сакате, каде што ги давате личните податоци. И тогаш, тие платформи ги користат тие податоци. Истото е и со ЧетГПТ. Не ставајте лични информации и ЧетГПТ нема да ги добие тие информации. Да, некои лични податоци може да бидат украдени. Но ако не му ги дадете на четботот вашите лични податоци, тој нема да ги има. Тоа е првиот чекор. Но можете да разговарате со чет-ботови што пристапуваат до вашите лични податоци затоа што можеби се поддршка за корисници или банкарска поддршка, па четботот пристапува до вашите лични податоци. Но тие се заштитени со безбедносниот систем во банките.

Ако добро разбирам, четботите не знаат ништо за нас. Ако не ги ставиме личните информации, четботите не знаат ништо за нас?

– Да, секако. Тоа е како кога не сакате вашите соработници или менаџери да гледаат што правите за време на викендите – едноставно не објавувајте го тоа на Инстаграм. Тоа е исто. Толку е лесно.

Каква е иднината на разговорната вештачка интелигенција и таквите четботови? Што можеме да очекуваме? Дали ни се потребни некои исклучителни вештини?

– Како корисник целта е да не ви требаат никакви вештини за користење на овој вид четбот, бидејќи разговарате со бот, како што зборуваме ние сега. И тоа е сосема природно. Тоа би било природен интерфејс. Така што, не треба да размислувате кога го користите, бидејќи тој сам зборува.

Да, но четботите не го знаат разговорниот јазик?

– Зависи од тоа како е дизајниран и имплементиран бидејќи проблемот со ЧетГПТ е што сите мислат дека четботите ќе одговорат на секоја тема. Но не е така. Најдобрите четботови се дизајнирани за одредена употреба. На пример, кога сакате да им помогнете на пациентите по операција. Затоа преку СМС прашуваме дали денеска им било добро. Или можеме да дадеме совет ако пациентот чувствува болка, на пример. Интерфејсите како ЧетГПТ го прават тоа и вие треба да му верувате. А за да му верувате, треба да знаете како е дизајниран и како се имплементира.

Можеме ли да им веруваме на четботовите и на вештачка интелигенција?

– Кога станува збор за јавни алатки како ЧетГПТ, не, не можете да им верувате во потполност. Но ако е развиен наменски, од лекари или од специјалисти во друга област, на пример, тогаш да, може да им верувате. Но ви требаат гаранции кога ги употребувате како корисник. Треба да знаете кој ги развил, кој ги дизајнирал.

Како ги оценувате перформансите на четботот во однос на корисничкото искуство и ефективноста?

– Евалуацијата не е лесна, бидејќи треба да процениме различни аспекти, дали четботот одговара како што е програмиран? Дали добро ги разбира корисничките влезови? Дали одговара во согласност со упатствата на компанијата или институцијата? И последно, но не и најмалку важно, што мисли корисникот за искуството што го имал со четботот? Евалуацијата сè уште е тежок процес бидејќи тоа е долг процес составен од повеќе фактори што треба да ги оцените за време на тест-фазата, но исто така и откако четботот ќе работи во живо и кога работи со корисниците секојдневно.

Како се справувате со двосмисленоста и контекстот во обработката на природниот јазик за чет-ботови?

– Постојат многу начини да се справите со тоа, но ниту еден не е совршен и не работи 100 отсто од времето. Контекстот може да се реши доста ефикасно со користење едноставни точки на податоци. На пример, за четбот од областа на здравството, односно патологијата. Користиме податоци за возраста на корисникот со кој разговараме, неговиот град и слично. Разговорите можеме да ги персонализираме врз основа на овие елементи ставени во контекстот, само ако се релевантни за нашиот разговор. Двосмисленоста е посложена затоа што може да биде резултат на повеќе извори, говор и фраза на корисникот, печатни грешки, културни аспекти, предрасуди воведени од луѓето во процесот на дизајнирање или во збирот на податоци итн…

Какви се вашите клучни размислувања како да се дизајнира личноста и тонот на четботот за да може корисниците да имаат позитивно искуство?

– Личноста и тонот претставуваат голем дел од тоа да се има одлично корисничко искуство. Не би сакале да згрешите и на корисниците да им дозволите да мислат дека разговараат со човек таму каде што е машина, но можете да замислите роботи што се одлични како личности. Затоа тие не треба да бидат премногу роботизирани, но не треба ни да се обидувате да го направите да се чувствува како да е 100 отсто човечки разговор. Пронаоѓањето на вистинската рамнотежа е сосема природно кога ги разбирате потребите и очекувањата на корисникот.

Искра Опетческа

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ