вторник, 18 март 2025
Заеднички час на студентите и професорите на УКИМ

На УКИМ – почит за жртвите на пожарот во Кочани, но и за утеха и сила на оние што треба да ги пребродат болките

Три – четири илјади (а можеби и некоја илјада повеќе) студенти и средношколци денеска во 12 часот на платото пред кампусот на Универзитетот Свети Кирил и Методиј во Скопје, се собраа на заеднички час, да им оддадат почит на загинатите во трагедијата во кочанската дискотека Пулс, а воедно и да изразат поддршка за закрепнување на повредените во пожарот.

Објавено на

часот

Сподели

Колони млади луѓе дисциплинарно се движеа точно на пладне, во услови на пороен дожд, кон местото закажано од студентската организација на Скопскиот универзитет.

„Ваква ли била гужвата во дискотеката“, се прашуваат две студентки додека чекорат во колоната.

„Веројатно, но многу пострашно – со оган во затворен простор“, претпоставува нивната трета другарка.

Многумина од нив носат цвеќиња. Дисциплинирани се, тажни и достоинствени.

Собирот, замислен како заеднички час на студенти и професори во спомен на жртвите во пожарот во Кочани, започнува половина час подоцна, поради силниот дожд, со седумминутен молк. Со кратки говори на сочувство се обратија ректорката на УКИМ, Биљана Ангелова, и министерката за образование и наука, Весна Јаневска. Двете изразија длабоко жалење и тага за соништата што никогаш нема да се остварат на оние 59-мина што ги загубија животите во трагедијата во Кочани, но и порачаа дека овој собир е и за да им се даде сила да се преболат болките на оние што ги загубиле најблиските, како и за оние што се борат со повредите во болниците, во земјава и во странство.

Нивните обраќања беа прекинати, поради случаи на физичка слабост и несвестици на некои од учесниците на собирот, а во еден момент и министерката Јаневска се упати да укаже прва помош – како лекарка, што е нејзината првична вокација. Набрзо пристигна и Брза помош…

По обраќањата на ректорката и министерката, студентите во редици чекаа да запалат свеќи за покој на загинатите во пожарот, да положат цвеќе и да остават пари за поддршка на семејствата во кутиите за донации пред Филозофскиот факултет. Донираните средства ќе му бидат предадени на Црвениот крст. Пред Правниот факултет, пак, е отворена Книга на жалост.

Вакви собири напладне ќе се одржуваат и во наредните четири дена.

Претседателот на УСС на УКИМ, Александар Николовски, соопшти дека утре ќе се одржи на кампусот на техничките факултети, в среда на ПМФ, в четврток пред Педагошкиот факултет, а за петок ќе биде организиран марш низ Скопје, или студентите и сите заинтересирани граѓани ќе се упатат кон Кочани.

                                                                                                                                                                       Ј.П.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ