сабота, 27 јули 2024
Во Граѓанскиот суд

На судењето против министерот Османи одбраната со став дека немаше навреда и понижување за ММДЧП и Николов

Објавено на

часот

Сподели

На денешното рочиште, полномошникот на тужителот, Трајче Торов, ги претстави доказите кои се дел од тужбата и одговори на повеќе приговори во однос на тужбата.

Тој информираше дека е поднесено барање за извинување до електронските адреси на тужениот, меѓутоа, како што рече, „до ден денес немаме никаков одговор“.

Според авокатот на тужениот, Љупчо Илиев, кој имаше предлог тужбеното барање да биде одбиено како неосновано, од содржината на тужбата не може да се прифати дека обвинетиот е виновен за она за кое што се товари.

„Од изнесената содржина во тужбата, поточно од наведените изјави во тужбата, апсолутно не може да се прифати, т.е. утврди, дека обвинетиот, со изјавите, искажал понижувачко мислење, со кое се повредуваат честа и угледот на тужителите, а уште повеќе не може да се утврди намера за омаловажување на кој било, што би значело и на тужителите“, рече адвокатот.

Тој кажа дека содржината на тужбата претставува критички осврт на функционирањето на државата со јавната власт, па токму затоа, како што рече, „велиме дека содржината на тужбата не е во корелација со единственото тужбено барање “.

Потоа, во изјава за новинарите Илиев рече дека според изнесените наводи и предложени докази од страна на тужителите „апсолутно не можат да бидат во корелација и да се подведат под одредбите од Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета“.

„Останува Судот да ги цени наводите од наша страна“, рече адвокатот на Османи.  

На прашање зошто, според нив, не станува збор на навреда и клевета, тој одговори дека од страна на министерот, сега тужен, е изразено само јавно мислење за активности на здружение.

„Тој изразува само една јавна критика на однесување на здружение“, рече адвокатот Илиев.

Адвокат на тужителот, Трајче Торов, од друга страна, изјави дека „не смее функционер – властодржец кој има моќ, да ги навредува финансиерите на борците за човекови права и борците за човекови права“.

„Финансирањето на Здружението на македонското малцинство од Бугарија да се третира како сомнителна работа и како антидржавен елемент е прво, како што и објаснив таму, претставува ставање на мета на тие финансиери, а и на тие здруженија. Се обвинуваат здруженијата дека се сами виновни или жртвите на повреди на човекови права се сами виновни за својата состојба во која се нашле, затоа што прифаќаат помош од кој било. Тужениот е тој кој што треба да ги помага и има должност да ги помага жртвите на повреда на човекови права, а не да се става на другата страна навредувајќи ги помагачите на тие жртви“, рече тој.

Според него, „сомнителен“ е термин што се употребува за некој кој е помалку вреден, кој треба да се истражува.

„Тоа е ставање еден вид на мета на тие лица. Секако е омаловажување, не е еднакво тоа лице со оние што не се сомнителни. Тоа е доказ за навредата и омаловажувањето со ваквите изјави, особено функционер кој е платен од народот да се грижи за човековите права“, рече тој.

Торов информираше дека е поднесено парично побарување во износ од околу 10 илјади евра во денарска противвредност.

 Во врска со прашањето за споменатото барање за оставка од министерот за надворешни работи, тој одговори дека е индиректно.

„Тоа е индиректно. Секој функционер доколку сака да биде на тоа ниво да критикува треба да си даде оставка и да биде обичен граѓанин за да може да критикува на ниво на една нормална критика, а не на ниво на навреда со прогласување на некој за сомнителен или за антидржавен елемент. Значи, не бараме ние оставка преку тужба директно, но доколку се смета дека тоа е негово демократско право да критикува, а не да навредува, треба да биде на исто ниво како тие што ги критикува, а не од позиција на моќ да кажува кој е државен елемент, кој е против државата“, рече тој.

„На 27 октомври 2022 година, 360 Степени објави отворено лажен, навредлив и клеветнички прилог за Македонското меѓународно движење за човекови права и за претседателот на ММДЧП Бил Николов. Во интервју за БТВ, на 27 октомври 2022 година, кое беше објавено на 360 Степени на 28 октомври 2022 година, министерот за надворешни работи Бујар Османи изнесе целосно лажни, навредливи и клеветнички тврдења за ММДЧП и Николов. Османи продолжи со изнесување на целосно лажни, навредливи и клеветнички изјави и за време на неговата прес-конференција на 11 ноември 2022 година“, велат од ММДЧП.

Процесот го води судијката Јехона Садику. Судењето продолжува на 29 мај.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ