Како што пишува Би-би-си, во саботата е почната операција за пребарување и спасување, откако групата исчезнала во близина на планината Тет Бланш, висока 3.706 метри.
Петмина од шесте скијачи биле пронајдени во 21:20 часот по локално време „без знаци на живот“, се наведува во соопштението на полицијата на швајцарскиот кантон Вале.
Властите претходно рекле за Би-би-си дека сите скијачи се швајцарски државјани и на возраст меѓу 21 и 58 години. Локалната полиција соопшти дека лошите временски услови ја отежнале операцијата.
На Алпите веќе неколку дена дува силен ветер, а во последните 24 часа има обилни врнежи од снег.
Ањан Труфе, водачот на спасувачите, изјави дека групата можеби ја совладало лошото време, а не лавина, бидејќи ризикот од лавини е мал во областа каде што исчезнале скијачите.