„Ние користевме хемофилтрација за лечење на пациенти во време на ковид кризата“, изјави доктор Љупчо Стојковски, искусен нефролог и единствен лекар кој во приватната болница Аџибадем Систина применувал хемофилтрација. Хемофилтрацијата е одамна познат метод, што се користи во медицината, кој што од нефрологијата се пренесе на сите водечки одделенија за интензивно лекување во земјата, сведочеше Стојковски на денешното судско рочиште во случајот против Жан Митрев.
„Многу ми е позната методата, и ја користам многу одамна пред ковидот. Оваа метода е дел од нефрологијата, но станува дел од лекувањето на тешко болни пациенти на секоја интензивна нега. Ковид како пандемија беше страшен и сите ние лекарите талкавме за да најдеме лек за да им помогнеме на пациентите и да ги спасуваме нивните животи“, додаде Стојковски.
Тој објасни дека оваа метода всушност значи филтрирање на крвта на пациентот, дека се работи за многу скапа и комплицирана метода и бара постојана и голема ангажираност од страна на искусен медицински персонал. „Многу е поскапа од класично лекување. Главен параметар за што порано вклучување на хемофилтрацијата е клиничката слика на пациентот. Се реагира во рана фаза да не се влоши сликата”, објасни докторот. Во приватната болница Аџибадем Систина каде работел, тој ја користел методата на 32 пациенти каде се извршени 48 хемофилтрации.
„Кај дел од пациентите помогна и истите се спасија, а кај дел за жал не помогна.
Жариштето беше во Италија, од каде потекнува и основоположникот на хемофилтрација Ронко, таму и започна третманот. Јас тоа го следев. Имаше и лекови кои наштетија на пациентите, како на пример ивермектин, а сега се докажа дека се штетни. Хемофилтрацијата се употребуваше да се спаси животот на тешко болните пациенти, а тоа е обврска на сите докторите“, изјави Стојковски.
На прашањето дали е запознаен со сите објави на неговата болница, каде што даваа изјави поврзани со хемофилтрацијата, изјави дека ги знае сите објави кои се објавени од страна на Аџибадем Систина во која што работел, и дека се согласува и со изјавата на докторката Каламарас дека хемофилтрацијата е врвна метода за лечење на ковид пациенти.
По оваа изјава на сведокот на обвинителството, од одбраната на Жан Митрев изјавија дека обвинението против неговата клиника и против него треба да биде повлечено.
Наредоното рочиште со сведочење на други сведоци на обвинителството е закажано за 8 април.