петок, 20 септември 2024

На поранешниот генерален секретар на Владата, Зеќири ќе му се суди повторно

Апелацискиот суд Скопје ја укина пресудата на Основниот кривичен суд Скопје против поранешниот генерален секретар на Владата Мухамед Зеќири за злоупотреба на положба и овластување и предметот го врати на повторно судење пред првостепениот суд.

Објавено на

часот

Сподели

По одржана јавна седница на 5 јуни годинава, на 6 септември, Апелацискиот суд Скопје донел одлука со која ја уважил жалбата на неправосилно осудениот Мухамед Зеќири и пресудата на Основниот кривичен суд Скопје по жалбата и по службена должност, ја укинал и предметот го вратил на повторно судење пред првостепениот суд.

Жалбата на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција Скопје, изјавена по однос на одлуката за конфискација, судот ја оценил како беспредметна.

„При повторното постапување потребно е првостепениот суд да ги отстрани констатираните суштествени повреди на одредбите на кривичната постапка на начин што најпрвин ќе ги утврди сите решителни факти во предметот, кои што имаат битно влијание за правилна примена на Кривичниот законик, при оценката за постоење на предметното кривично дело и кривичната одговорност на страна на обвинетиот.  Потребно е првостепениот суд да ги изведе доказите предложени од странките во насока на утврдување на решителните факти на кои е укажано во решението, па по спроведувањето на доказната постапка и изведување на доказите предложени од странките, во зависност од утврденото, со правилна примена на Кривичниот законик, првостепениот суд да се произнесе за постоење на предметното кривично дело и кривичната одговорност на страна на обвинетиот, донесувајќи правилна и законита судска одлука, која ќе може во целост и со сигурност да се испита“, пишува во соопштението од Апелацискиот суд.

Основниот кривичен суд Скопје во декември минатата година го огласи за виновен и го осуди на две години и шест месеци затвор поранешниот генерален секретар на Владата Мухамед Зеќири за склучување два договори за консултантски услуги без да спроведе соодветна постапка за јавни набавки. Освен казната затвор, Зеќири, судот го задолжи да ја надомести и штетата нанесена на Буџетот на државата во износ од 71.338.336 денари.

Зеќири е осуден за кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластување за кој со последните измени на Кривичниот законикот е предвидена казна затвор од една до пет години.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ