вторник, 28 мај 2024
Претседателски избори 2024

На полноќ завршуваат роковите за приговори до ДИК

Во вториот круг од претседателските избори, што ќе се одржат на 8 мај заедно со парламентарните избори, одат кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ кои освоија најмногу гласови според првичните официјални резултати на Државната изборна комисија. Во тек се роковите за приговори до ДИК, кои можат да ги поднесат кандидатите за постапката на гласање и за сумирањето на резултатите.

Објавено на

часот

Сподели

До денеска до 19 часот истекува рокот за поднесување на приговори за постапката на гласање, а до полноќ рокот за приговори што се однесуваат на сумирањето на резултатите по што ДИК треба да донесе одлука во рок од 72 часа. Како што вчера појасни претседателот на ДИК Александар Даштевски, кандидатите доколку не се задоволни од одлуката на ДИК, имаат право на тужба до Управниот суд кој, пак треба да одлучи во рок од 48 часа по приемот на тужбата.

Првичните официјални резултати што вчера ги објави Државната изборна комисија покажуваат дека на гласање излегле 905.971 граѓанин односно дека одѕивот бил 49,93 проценти.

За Сиљановска-Давкова гласале 363.086 гласови или 40,08 проценти, за Пендаровски 180.500 гласачи или 19,92 проценти, за Бујар Османи од ДУИ 121.088 или 13,07 проценти, за Максим Димитриевски од ЗНАМ 83.856 гласови или 9,26 проценти, за Арбен Таравари од албанската опозиција Вреди 83.393 гласови или 9,2 проценти, за Билјана Ваковска од Левица 41.331 глас или 4,56 проценти и за Стево Јакимовски од ГРОМ – 8.121 глас.

Гласањето на трите избирачки места во кумановско каде имаше прекин повеќе од три часа нема да се повтори бидејќи тоа, како што објаснија од ДИК, не влијае на конечните резултати, а ќе бидат разрешени и избирачките одбори на овие избирачки места.

„Врз основа на пристигнатите записници од ОИК доставени до ДИК и од увидот во истите и комуникацијата што ја имавме остварено во текот на вчерашниот ден со ОИК Куманово утврдивме дека избирачките одбори на овие три места немаат постапено соодветно на упатствата што ги носи ДИК“, истакна Бобан Стојановски од ДИК.

Исто така ДИК ја задолжи и правната служба да утврди дали има основи за одговорност на избирачките одбори.

На изборите на 8 мај во избирачките одбори ќе има по седум члена наместо сегашните пет со цел подобра ефикасност во организацијата на работа, избегнување гужви на гласачкото место и избегнување на можноста од евентуални грешки.

Меѓународната набљудувачка мисија за изборите составена од претставници на ОБСЕ/ОДИХР и Советот на Европа го оцени првиот круг од изборите како позитивен при што во голема мера биле почитувани процедурите за гласање, додека во некои случаи при пребројувањето избирачките одбори не ги завршиле целосно пропишаните процедури.

„Основните слободи беа почитувани во кампањата, но како што се приближуваше денот на изборите, а границите помеѓу претседателската и парламентарната трка почнаа да се замаглуваат, реториката стануваше се понегативна и во некои случаи дискриминаторска одразувајќи ја политичката фрагментација и етничките поделби“, посочи Џилијан Стирк, шеф на мисијата ОБСЕ/ОДИХР на вчерашната прес-конференција.

Во однос на распределбата на средствата за кампањата, оценката на ОБСЕ/ОДИХР е дека поврзаноста на распределбата на средствата за кампањата и медиумските можности со партиската припадност несразмерно ги фаворизирала кандидатите кои се поврзани со големите политички партии.

Меѓународната набљудувачка мисија ќе го проследи и вториот круг на претседателските избори заедно со парламентарните избори на 8 мај, а конечната оценка за двојните избори во земјава ќе ги објави два-три месеци по завршување на изборите.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ