Лога денеска имал средба со градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски на која беше информиран за иницијативата за изнаоѓање законско решение за конфискација на изградени објекти со бесправен статус и нивна ре-употреба .
Целта на иницијативата е да се најде решение и да се овозможи конфискација на бесправно изградените објекти и нивна пренамена во функција на општината, односно државата.
За реализација на оваа иницијатива неопходно е да се интервенира во две законски решенија – Законот за постапување со бесправно изградени објекти и Законот за управување со конфискуван имот, имотна корист и одземени предмети во кривичната и прекршочната постапка, соопшти Министерството за правда.
На оваа идеја на Герасимовски се спротивстави претседателката на Државната комисија за спречување на корупција, Билјана Ивановска. „Зборуваме за објекти кои се диво направени. Инспекторите требало на време да излезат. Тие сега да си стоеле, општината немала пари“, рече Ивановска.
Герасимовски најавува дека на оваа тема веќе в понеделник ќе има средба и со министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.
За граѓанската иницијатива Шанса за Центар, конфискацијата на бесправно изградени објекти како инструмент веќе е предвидена во Кривичниот законик. Оваа нова дебата е ново вртење во круг наместо да спроведување на законите, оценува Јана Белчева-Андреевска, од Шанса за Центар.
„Ова се популистички предлози. Оваа нова дебата која ја иницираше градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, е ново вртење во круг место да се спроведуваат законите. Јавноста виде колку (не)успешно се заврши конфискација на само еден осуден човек“, вели за Дојче веле Јана Белчева – Андреевска, претставник на Шанса за Центар.
И Левица денеска соопшти, потсетувајќи на дивоградбата на улицата „Пластичарска“ и немоќта на општинските власти да се справат со нелегалните градби и со политичките влијанија.