среда, 23 октомври 2024
Се нижат невообичаени спасувачки акции по јавувања на 112

На Матка спасени туристи од Хонг Конг, во Струга „сос“ копче му го спаси животот на повреден возач

Објавено на

часот

Сподели

Туристите од Хонг Конг повикот за помош до 112 во ЦУК го пратиле од мобилен телефон без картичка, па затоа не можеле да бидат одредени координатите. Иако мрежата била со слаб сигнал, двајцата туристи на англиски јазик информирале дека се изгубени и без ориентација каде се наоѓаат, освен дека се опкружени со високи ридови и дека имаат минимални количини храна и вода.

„Дежурниот оператор на Единствениот број за итни случаи 112 во ЦУК, бил подолго време во комуникација со нив и им помагал да пронајдат нешто забележително во нивната околина. По пронаоѓањето на знак на патека за манастирот „Свети Никола Шишевски“, дежурниот операторот од 112 во ЦУК им посочил да престанат да се движат и да останат до знакот на патеката. Потоа, операторот се координирал со МВР за нивно пронаоѓање и за безбедно извлекување. Тим од полициската станица Сарај брзо излегол на терен и ги пронашол, по што биле извлечени на безбедно живи и здрави нешто после 20 часот, два часа од нивното прво јавување“, соопштија од ЦУК.

Оттаму уште информираат дека синоќа околу полноќ се случила невообичаена спасувачка акција преку 112 после сообраќајна несреќа на патот Струга – Охрид, на крстосницата во близина на бензинската пумпа на Макпетрол.

„На Единствениот европски број 112 во ЦУК била побарана помош за повреден возач во сообрќајка преку „сос“ копчето, што е вградено во некои видови возила од поново производство. Во моментот на јавувањето повредениот возач само ја повторувал локацијата каде што се случила сообраќајката. Во момент кога операторот од 112 во ЦУК остварувал врска со Итната медицинска помош и со МВР, околу возилото дошле граѓани кои дошле да помогнат. Операторката од ЦУК стапила во врска со еден од нив којшто и ја опишал ситуацијата, зашто возачот не можел да зборува па не се слушал добро на автоматскита аудио опрема што била вградена во неговото возило. По ова реагирале од Итната медицинска помош и полицијата и возачот бил спасен. Инаку „сос“  копчето, при поголем удар на возило, во коешто е вградено, е програмирано автоматски да дава информација на Единствениот европски број за итни случаи 112 во било која европска држава и пошироко“, информираа од ЦУК.

Ова не е прв пат операторите на ЦУК да примат невообичаени повици по што биле спасени животи.

Вчера утро автоматска порака и европскиот број 112 на невообичаен начин спасија тешко повреден возач на патот Велес-Штип.

Завчера синоќа, во соработка со грчкиот единствен број за итни случаи 112, бил спасен Романец кој имал проблеми со срцето, а престојувал во Гевгелија.

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ