На настанот се обратија лекторот Славица Свидерска, а за значењето на лекторатот говореа амбасадорот Данчо Марковски и деканката на Факултетот Есмералда Кромида.
Пред присутните гости меѓу кои беа и продеканката Дрита Рира и други професори, студентите читаа македонска поезија, по што беа доделени сертификатите.
Според говорниците, отворањето на Лекторатот по македонски јазик на Универзитетот во Тирана е од особено значење во промовирањето на македонскиот јазик и култура во Албанија. Исто така, оценето е дека ова е особено важно и за припадниците на македонското национално малцинство и нивниот самопрегор во зачувувањето на нивната етничка, јазична и културна посебност.
„Во соработка со македонското друштво „Сонце“ и единствената македонска партија Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ) ќе ги продолжиме активностите за почеток на курсевите по македонски јазик и на Филолошкиот факултет при Универзитетот „Фан С. Ноли” во Корча, за што е обезбеден проект/програма“, најавил амбасадорот Марковски.
Лекторатот во Тирана е единаесетти Лекторат по македонистика во светот, кој беше реактивиран во средината на месец јануари годинава, по повеќе од една деценија нефунционирање.