среда, 21 февруари 2024

На Инфективната клиника во Скопје има десет пациенти со грип

Околу десет пациенти  со грип се хоспитализирани на Инфективна клиника, а тројца од нив се веќе дијагностицирани со ковид. Станува збор за иста фамилија на вируси. Нема простор за паника, се е под контрола и се следат сите упатства од Комисијата за заразни болести, изјави денеска министерот за здравство Фатмир Меџити, одговарајќи на новинарски прашања.

Објавено на

часот

Сподели

И на Клиниката за пулмологија и алергологија, како што рече медицинскиот директор Дејан Докиќ, има пациенти со грип.

„Има една  пациентка во една навистина тешка состојба, со пореметување на самата респирација но и на свеста и преговараме со Клиниката за инфективни болести евентуално да ја земат, бидејќи веројатно на неа ќе и треба респиратор. Пациентката е позитивна на инфлуенца“, појасни директорот.

Не е доцна за вакцинирање, порача Докиќ, укажувајќи дека за да бидат вакцинирани, пациентите мора да бидат здрави. Пациент кој е болен, потенцијално можеби има вирус, во тој случај не би можело да се вакцинира.

Запрашан дали има зголемување кај пациенти пушачи, со заболувања, меѓу кои и канцер, директорот одговори, дека, отприлика, бројот на новодијагностицирани е сличен како и претходните години.

„Со Министерството за здравство се работи програма за рана дијагноза на белодробниот карцином што е број еден карцином по смртност кај мажите, а трет кај жените. Со оваа програма, верувам дека и ние ќе придонесеме рано, во почетните стадиуми да се откријат пациенти со белодробен карцином, за да можат ефикасно и успешно да се лекуваат“, подвлече Докиќ.

Одговарајќи на прашања, Меџити рече дека на Влада поминала физибилити студијата за Клиничкиот центар во Скопје и оти му доаѓа крајот на сообраќајниот метеж,  а стручниот извештај за родилката од Делчево, како што рече, се уште не бил готов.

Во однос на проблемите со термини, Меџити нагласи дека  има многу подобрување и редовно се следи состојбата. Повторно апелираше да се почитуваат закажаните термини и да се доаѓа на закажан термин, или да се откаже, ако пациентот е спречен да дојде.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ