четврток, 19 септември 2024

На Инфективната клиника почина болен од западно-нилска треска

На Инфективната клиника во Скопје почина 78-годишен пациент кој бил болен од западно-нилска треска. Институтот за јавно здравје наведува дека смртта настапила на 16 септември и е резултат на компликации од вирусот. Првичните симптоми кај мажoт од Чешиново-Облешево настапиле на 9 септември. Тој не бил во странство, а регионот каде што живее – кочанскиот, е познат по големите роеви на комарци.

Објавено на

часот

Сподели

Првичните симптоми биле телесна температура до 39 степени, малаксаност и немање апетит, но набрзо и вознемиреност, агресивност, афазија и губиток на свест. Ден подоцна со возило на итната помош тој од Кочани бил пратен во Клиничката болница во Штип. Но, поради тешката здравствена состојба и дијагностициран енцефалитис, во текот на истиот ден бил упатен на Инфективната клиника во Скопје.

Со испитувањата било потврдено заболувањето западно-нилска треска.

Од Институтот за јавно здравје велат дека поради влошената состојба, и покрај поставувањето на кислородна маска и дадената терапија за стабилизирање на состојбата, пациентот починал на 16 септември.

Институтот наведува дека станува збор за четврти случај на западно-нилска треска годинава во Македонија.

Од Институтот за јавно здравје информираат дека луѓето најчесто се заразуваат по каснување од заразен комарец.

„Болеста од човек на човек не се пренесува, ако се исклучи миожноста за  пренесување преку трансфузија и трансплантација на органи. Периодот на инкубација вообичаено трае од 3 до 14 дена. Околу 80% од инфекциите кај луѓето поминуваат без манифестација на симптоми. Останатите 20% симптоматски инфекции, најчесто се манифестираат како треска која поминува сама од себе, а помалку од 1% од WNV-инфекциите кај луѓе се развиваат во сериозни форми, со тешка клиничка слика и се потенцијално смртоносни (пр. воспаление на мозокот, воспаление на мозочните обвивки или појава на парализи). Не постои специфична терапија, а третманот воглавно е насочен кон лекување на симптомите“, велат од Институтот.

Првиот случај на западно нислка треска е лабораториски потврден во април годинава, кај жител на Василево. Вториот случај е од јули, кај жител на Кочани, и овој случај е импопртиран.

Но третиот случај е автохтон, значи заразениот не бил во странство и е регистриран во август, кај жител на Тетово.

И последниот случај на болеста е автохтон, овојпат со смртен исход. Членовите на семејството немаат симптоми, но местото на живеалиштетот е познато по големиот број на комарци.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ