четврток, 23 мај 2024

На ФЕИТ почнаа Робомак и Робомак јуниор

На Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ), денеска, се отвори 12-то издание на Робомак и 4-тото издание на Робомак јуниор. На двата Робомак настани учествуваат околу 115 учесници – студенти и средношколци.

 

Објавено на

часот

Сподели

Робомак 2024 претставува меѓународен натпревар, семинар и студентска конференција во полето на роботиката, електрониката, автоматиката и вештачката интелегенција. Финалниот натпревар во сите категории ќе се одржи на 27 април. Носители на настанот се македонската секција на ИЕЕЕ (IEEE – The Institute for Еlectrical and Еlectronics Еnginеers), преку нејзиниот студентски огранок при УКИМ и Факултетот за електротехника и информациски технологии, во коорганизација со Факултетското студентско собрание – ФЕИТ. Ова собиралиште на млади иноватори и експерти, по 12-ти пат е домаќин на повеќе од 60 учесници од земјата и странство, што го прави најголем настан од ваков карактер на нашите простори. Преку оваа платформа, студентите имаат можност да се запознаат со последните технолошки иновации поврзани со роботиката, автоматиката, електрониката и вештачката интелигенција, преку богатата програма и практични работилници.

„Со гордост може да кажам дека традицијата која ја постави Робомак прераснува и во бренд во нашата држава, брендот на Робомак, кој е познат меѓу студентите и средношколците. Бренд кој е синоним за роботика, автоматика, електроника и вештачка интелигенција. Бренд кој значи натпреварувачки дух, експериментирање со најсовремени технолошки достигнувања и одлично дружење меѓу натпреварувачите. Бренд кој на едно место собира талентирани млади умови, популаризира STEM дисциплини и прави промоција на капацитетите на нашиот универзитет и нашите студенти“, рече деканот на ФЕИТ, професор д-р Владимир Атанасовски на отворањето на Робомак.

Според деканот, Робомак претставува поширока платформа која на студентите им нуди можност за натпреварување и надградување. Преку 5-те натпреварувачки дисциплини, 61 студент на Робомак 2024 практично имплементираат роботски системи за препознавање бои и говорни команди, ќе програмираат интелигентни агенти за работа во динамички средини, ќе комбинираат роботика и алгоритми од машински вид заради роботски-помогнато сортирање на објекти и извонредно ќе се забавуваат со робомаковската интерпретација на формула 1, односно програмирање на само-управувачки тркачки возила.

„Покрај практичната работа, оваа недела ќе биде исполнета и со одлични предавања кои ќе им помогнат на натпреварувачите подобро да ги подготват своите решенија за финалето. Конечно, преку натпреварувачкиот дел, студентите ќе може да научат што значи тимска работа, вештина која ќе им помогне во нивната идна кариера“, рече Атанасовски.

Професор д-р Биљана Ангелова, ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје во своето обраќање потенцираше дека овој настан претставува збир на талентирани умови и доказ за зголемената важност на роботиката и вештачката интелигенција во општеството. „Светото околу нас претрпува брза технолошка трансформација. Автоматизацијата и интелигентните системи суштински ги менуваат индустриите, од производство и здравствена заштита до транспорт и комуникација. системите. Додека гледаме кон иднината, јасно е дека роботиката и вештачката интелигенција ќе играат се поважна улога во обликување на нашите животи“, порача Ангелова..

Робомак обезбедува клучна платформа за следните генерации и со поддршка Универзитетот инвестира во општествената иднина. „Ги зајакнуваме младите умови да станат архитекти на новото технолошко и просперитетно општество. Знаењето и искуството ќе ги поттикне да се справат со предизвиците и можностите што престојат“, рече Ангелова.

Потпретседателот на македонската секција на ИЕЕЕ, професор д-р Гога Цветковски, потсети дека пред две години оваа организација одбележа 25 годишен јубилеј од своето основање. Минатата година, во октомври, е откриена спомен плочата која се однесува на пионерската работа на професор д-р Стево Божиноски, доктор Лилјана Божиновска и Михаил Шестаков со наслов „Прво управување на робот со помош на сигнали од мозокот“ како значаен придонес на македонската во светската наука, што е во тесна корелација со Робомак.

Филип Жаков, претседател на студентската организација при македонската секција на ИЕЕЕ, силно верува дека младите и амбициозни студенти заслужуваат иста шанса и можности како нивните колеги во светот. „Мотивирани од успехот кој Робомак го постигнува веќе 12 години, заедно со волонтерите – студенти, успешно се справивме со сите предизвици да ја одржиме традицијата жива и да оставиме аманет на следните генерации да продолжат каде што застанавме ние“. Роботиката и вештачката интелигенција, според Жаков, пред неколку децении беа научно-фантастични концепти, сон на истражувачите и сценарио во филмовите.

Мелани Цветковска, претседател на Факултетско студентско собрание на ФЕИТ, рече дека се трудат студентскиот глас да не е само слушнат, туку и послушан, да ја сакаат науката и да учествуваат во настани и натпревари каде се слави науката. „Не се плашете да бидете свои, гласни и паметни. Умот никогаш нема да излезе од мода“, рече Цветковска.

Работејќи во тимови, студентите имаат можност да ги употребат своите теоретски знаења и практични вештини, истите да ги надоградат и усовршат, да соработуваат со студенти од земјата и странство, со цел да го освојат првото место во својата категорија. Учесниците ќе се натпреваруваат во следните категории: Sence the Color, Select the Line > Design from scratch a line follower with colour sensing abilities, AI Football > Program intelligent agents to find and eliminate opponents in a dynamic environment, Robotic Arm Challenge > Combine robotics and machine vision to accurately sort objects, The ChatBot Challenge > Command your ChatBot to victory in this speech-driven robotics competition и Self-Racing Cars > Program and unleash NVIDIA JetBots for self-racing car showdown. Покрај ова, ќе имаат можност да присуствуваат на предавања од овие области.

Како паралелен настан на RoboMac 2024, по четврти пат се организира и натпреварот за средношколци, RoboMac Junior 2024. Носители на настанот се ФЕИТ и IEEE. RoboMac Junior 2024 е натпревар за средношколци во роботика, автоматика и електроника, кој ќе трае до четврток. Натпреварот се одржува во просториите на ФЕИТ и на него учествуваат 54 ученици од четврта година од 26 средни училишта од Р.С. Македонија, поделени во 2 категории. Освен активностите од натпреварувачки карактер, учесниците имаат можност да следат и неколку предавања во кои ќе се претстават популарни теми од роботиката, автоматиката, вештачката интелигенција и електрониката, одржани од професори и експерти во областа. Категории во кои се натпреваруваат средношколците се RoboMac Junior – Автономна мобилна роботика и RoboMac Junior – паметна електроника за автономни возила.

Финалниот настан на Робомак 2024 ќе се одржи во сабота со почеток во 17 часот во Амфитеаторот на ФЕИТ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ