петок, 1 март 2024

На една година пред избори партиите се согласни дека треба нов Изборен законик

Објавено на

часот

Сподели

Оптимизам постои, но дали е тој реален останува да се види откако претставниците во групата ќе ги соопштат своите согледувања и ставови.  

Претседателот на работната група адвокатот и поранешен претседател на Државната изборна комисија Александар Новаковски за МИА изјави дека приоритетите треба да ги утврдат сите заедно. 

„Приоритетите кои се ќе треба да ги утврдиме заедно сите. Јас само ќе ја предводам таа работна група, транспарентно мислам да се работи, за да се дојде до одредени усогласувања, прво со забелешките на ОБСЕ/ОДИХР, кои се провлекуваа низ изборни циклуси и многу се исти, но секако не се превземаат навреме промени за да се усогласат. Исто така таму има и една забелешка во која се бара да се размисли и да се направи нов изборен законик“, вели Новаковски.

Тој нагласува дека работата ќе ја извршува најодговорно и транспаретно, но и дека во оваа група ќе делува само како експерт. 

„Немам никакви проблеми со влијанија, бидејќи сите ќе се присутни тука и ќе  може да ја следат. Најбитно е да направиме нешто конечно, за да се усогласиме со забелешките за да не се повторуваат, и тоа да се направи навремено“, вели Новаковски.

Од Канцеларијата на ОБСЕ во Скопје во писмена изјава за МИА изразуваат задоволство што, како што посочуваат, изгледа дека постои консензус меѓу сите политички чинители во земјата за потребата и подготвеноста за вклучување на техничките препораки на ОБСЕ/ОДИХР.

„Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) е посветена на демократски, фер и инклузивни избори, и ние континуирано ја поддржуваме Северна Македонија во подобрувањето на законодавната рамка и во зајакнувањето на капацитетите на Државната изборна комисија и другите релевантни институции. Мисијата на ОБСЕ во Скопје е задоволна што изгледа дека постои консензус меѓу сите политички чинители во земјата за потребата и подготвеноста за вклучување на техничките препораки на ОБСЕ/ОДИХР насочени кон создавање изборен систем во согласност со меѓународните стандарди. ОБСЕ останува посветена на обезбедување релевантна поддршка во тековниот процес“, се наведува во писмената изјава за МИА од Канцеларијата на ОБСЕ во Скопје. 

Забелешките на ОБСЕ/ОДИХР се влезени и во Извештајот за напредокот на земјата на Европската комисија.  

Ќе се работи на суштинските забелешки, но ќе се слушнат и мислењата на членовите на работната група  

Претседателот на работната група Новаковски смета дека приоритет за работа треба да бидат забелешките со коишто се прекршуваат Копенхашките критериуми. Но, не мисли дека меѓу приоритети ќе биде и Избирачкиот список бидејќи за него во изминатите години се направени низа промени.

н

„Би сакал да кажам дека имаат забелешки од ОБСЕ/ОДИХР кои се многу посуштински, бидејќи Избирачкиот список се користи како алатка. Знаете веќе подолго време, и не би сакал уште од старт да се блокира со Избирачкиот список работата на Комисијата. Затоа што тука е одредено, надлежностите се преземени целосно од ДИК, капацитетите на ДИК исто така се спремни. Воведоа некоја технологија нова со фингер принтовите и сето тоа ние ќе го разговараме, но сепак треба да почнеме дел по дел, а тоа е значи суштинските забелешки кои се провлекуваат повеќе изборни циклуси. На пример има забелешки каде што сметаат дека се прекршени Копенхашки критериуми. Тоа е тешка забелешка. Значи ние подолго време не сме имале, а во последните изборни циклуси се повторува таа забелешка, а тоа е за еднаквоста на правото, на пример. Второ, размислување како да се поедностави Изборниот законик“, вели Новаковски. 

После толку измени на Изборниот законик, посочува, тој е тежок за разбирање во однос на тоа што многу работи се само вметнувани, вметнувани и доаѓа до различно толкување.

„Исто така тука е и прашањето, на пример, за ефикасноста на жалбената постапка, начинот на работа, роковите, бидејќи е невозможно тие рокови да се исполнат. Има забелешки околу начинот на финансирање околу извештаите кои се добиваат, кој е надлежен, како е надлежен, сите тие работи се потребни. Во конечниот извештај на ОБСЕ/ОДИХР тоа е регистрирано и работната група треба да се ориентира на тоа“, посочува Новаковски. 

Во однос на прашањата околу изборниот модел, вели дека работната група може да ги разгледува по нечија иницијатива, бидејќи во работната група ќе има претставници на политички партии.

„Мислам дека ќе се отвори такво прашање, но сепак тоа е одлука на политичките партии во Собранието и на предлагачот – тоа е Владата преку Министерството за правда. А работната група може да ги согледа од стручен аспект сите позитивни и негативни аспекти на тие модели ако се отвори тоа прашање“, дециден е Новаковски.

Запрашан дали кога зборува за еднаквоста на гласовите, мисли на прекројување на изборните единици, Новаковски потсетува дека ние имаме пропорционален модел со шест изборни единици и дека има забелешка од ОБСЕ/ОДИХР дека се повредува критериум кој е многу битен, тоа е еднаквоста на правото на глас.

„Значи да се стане пратеник во некои изборни единици се потребни помалку гласови, отколку во други. Значи тоа прашање мора да се отвори. Нема бегање. Мислам дека прашањата треба да се отвораат и да не се комплицира. Изборите се во 2024, значи треба да се направи напор во текот на оваа година тие измени да бидат завршени“, смета тој.

Како претседател на оваа работна група, Новаковски вели дека ќе направи се да бидат изготвени навреме, но проценката за тоа, сепак, ја остава за подоцна откако ќе поминат неколку средби и сите претставници ги кажат своите ставови и размислувања.

„Од моја страна ќе биде направено и е предизвик, бидејќи сум работел на тие работни групи за измени на Изборен законик, земено од 2002 година, па кога беше и кодифициран во 2006. Во тек сме со сите измени, но секако на тоа прашање ќе ви одговорам по првите средби и после начинот на работа, бидејќи не би можел да кажам дали сите, се надевам, ќе имаме добра намера“, вели Новаковски. 

Тој смета дека работата ќе оди брзо во експертскиот дел, но тоа не може да го гарантира за прашања за кои ќе има мешање од страна на политиката. 

И покрај отсуството на претставник на ВМРО-ДПМНЕ од работната група Новаковски смета дека е оптимист дека ќе се постигне консензус за прашањата поврзани со техничките забелешки на ОБСЕ/ОДИХР. 

„Јас сум оптимист, и мислам дека познавајќи ги и луѓето кои се таму дека нема да има проблем во работната група во однос на промените на Изборниот законик кои се за добробит на изборите, и кои се поврзани со забелешките на ОБСЕ/ОДИХР, вели тој. 

Законот на крај, потсетува Новаковски, го предлага Владата преку Министерството за правда, а одредени прашања кои се поврзани со работата на Парламентот ќе се видат таму.

„Сепак мислам дека постои добра волја и добро е што се отвора ова прашање и мислам дека ќе се направи се што треба, па и ВМРО –ДПМНЕ како најголема опозициска партија јавно изјави дека ги прифаќа, ќе ги прифати забелешките на ОБСЕ/ОДИХР“, потенцира Новаковски. 

ВМРО-ДПМНЕ ќе ги поддржи решенијата за техничките препораки на ОБСЕ/ОДИХР, но нема свој човек во работната група 

Од Министерството за правда соопштија дека процесот на работа за реформи на изборното законодавство е инклузивен и во него се вклучени претставници на политички партии, невладини организации, синдикати, министерства и надлежни органи за спроведување на изборниот процес.

Во работната група ќе има претставници од СДСМ, ДУИ, Алијанса на Албанците, БЕСА, Алтернатива, Левица и Демократски сојуз. 

ВМРО-ДПМНЕ не делегира свој претставник во работната група. Од партијата за МИА повторуваат дека го чекаат ставот на СДСМ за една изборна единица, но потенцираат дека и покрај тоа ќе ги поддржат техничките измени поврзани со забелешките на ОБСЕ/ОДИХР. 

Од Министерството за правда велат дека очекуваат ВМРО-ДПМНЕ да предложат свој претставник со оглед на тоа што на средбата која неодамна се одржа во Собранието на која присуствуваа министерот за правда и координаторите на политичките партии, од страна на ВМРО-ДПМНЕ беше посочено дека тие се заинтересирани за измените на Изборниот законик кои се однесуваат на имплементација на препораките на ОБСЕ/ОДИХР.

Од владејачката СДСМ наведуваат дека имаат принципиелни ставови и учествуваат во работата активно и ги поддржуваат неопходните измени за имплементација на сите препораки на ОБСЕ/ОДИХР. 

„Секако дека е потребен консензус. А ВМРО-ДПМНЕ е несериозна партија која не учествувала во ништо важно ниту значајно за државата, ниту пак во некоја од стратешките одлуки, така што ништо не е за изненадување“, посочуваат за МИА од СДСМ. 

Во работната група покрај претставници на партиите ќе има и членови од МВР, Министерството за труд и социјална политика, Министерството за информатичко општество и администрација, МОСТ, Цивил, Полио плус, УВМК, Државен завод за статистика, Централен регистар, Управен суд, Државна изборна комисија, Национален демократски институт, Здружение на новинари на Македонија и од Самостојниот синдикат на новинари на Македонија.

                                                                                                                                                         МИА

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ