сабота, 27 јули 2024

На Џулијани, кој му се потсмеваше на јавниот обвинител на Аризона, му врачија покана за суд на 80-тиот роденден

На Руди Џулијани, сојузник и поранешен адвокат на поранешниот американски претседател Доналд Трамп, во петокот му беше врачена покана за суд на неговата роденденска забава, заедно со известување за обвинение поврзано со обид да се поништат резултатите од претседателските избори во 2020 година во Аризона.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„На последниот обвинет му беше врачена покана пред неколку моменти“, напиша државниот обвинител на Аризона Крис Мејс, демократ, во објава на платформата Икс во која напиша: „Руди Џулијани никој не е над законот“, пренесе Си-ен-ен. Ова е официјално известување дека лицето е кривично обвинето и мора да се појави пред судот.

Портпаролот на Мејс, Ричи Тејлор, претходно изјави дека канцеларијата на јавниот обвинител со недели се обидувала да го лоцира поранешниот градоначалник на Њујорк, Џулијани. Во петокот вечерта, Џулијани објави зајадлива порака и фотографија на која е опкружен со насмеани пријатели на Твитер. „Ако властите во Аризона не можат да ме најдат до утре наутро“, напиша тој во сега избришаната објава „1. Мора да го отфрлат обвинението; 2. Мора да признаат дека не знаат да бројат гласови“.

Неколку часа подоцна, на Џулијани му беше врачена покана да се појави пред судот во Феникс во вторник.

Каролин Врен, републиканска функционерка и советничка на кандидатката за Сенатот во Аризона, Кари Лејк, изјави за Си-ен-ен дека била домаќин на забавата за 80-тиот роденден на Џулијани во Палм Бич, Флорида, во петокот вечерта, кога на Џулијани му била врачена поканата.

Еден од гостите опиша како на Џулијани во доцните часови двајца агенти на канцеларијата на јавниот обвинител во Аризона му врачиле документ. „Го пресретнаа на излез“, рече тој, додавајќи дека „многу гости биле видно вознемирени“.

Џулијани е меѓу 11-те сојузници на Трамп обвинети минатиот месец во Аризона за манипулирање со претседателските избори во 2020 година.

Според Си-ен-ен, во обвинението за Џулијани се вели дека ширел лажни тврдења за измама на гласачите по изборите во 2020 година, лажно тврдејќи дека претставниците на Аризона „не вложиле напор да откријат“ дали гласањето е валидно и се обидувал да влијае врз републиканските електори да гласаат за тимот Трамп-Пенс.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ