четврток, 31 октомври 2024

Нa битолскиот универзитет промовирана првата купола за виртуелна реалност

Студентите од универзитетот „Св. Климент Охридски“ од вчера и официјално може да влезат во светот на вируелната реалност, да осознаваат и да ја создаваат. На Факултетот за информатички и комуникациски технологии во Битола беше промовирана првата купола за виртуелна реалност, комплетна опрема за произведување на софтверска реалност. Истовремено, Сенатот основа Центар за виртуелно инженерство.

Објавено на

часот

Сподели

Опрема во вредност од 100 илјади евра од повеќе компоненти беше промовирана на Факултетот за информатички и комуникациски технологии. Компјутери, дронови, сензори, софтвер. Секој свет достапен за исклучително ментално искуство без посебни наочари за виртуелан реалност.

„Најатрактивна и уникатна е оваа купола за виртуелна реалност која е зад нас, која е единствена на универзитетите не само во Македонија, туку и пошироко на Балканот и со која очекуваме дека студентите, но и сите други ќе може да добијат поквалитетна обука, настава поблиска до реалноста преку користење на технологија во виртуелната реалност“, рече Игор Неделковски, ректор на Универзитетот Св. Климент Охридски во Битола.

„Опремата во Центарот за виртуелна реалност којшто е сместен во лабораторијата на Факултетот за информатички и комуникациски технологии ќе биде достапна за вработените на Факултетот, како и на сите заинтересирани наставници, соработници  и студенти на прв, втор и трет циклус на Универзитетот и тие ќе може да ја користат, да вршат истражување“, рече Благо Ристевски, декан на ФИКТ.

Ректорот Неделковски информираше и дека денеска Сенатот на Универзитетот основа Центар за виртуелно инженерство што ќе биде отворен за сите заинтересирани.

„Преку овој Центар ќе може да ја користат сите други факултети, наставници и студенти. Но , денеска поканивме и наши колеги и наши идни студенти бидејќи целта ни е ова место да стане хаб кадешто и наставниците од средните училишта ќе може да ги носат своите ученици на дел теми од виртуелната реалност, компаниите можеби за свои проекти и презентации“, вели ректорот Неделковски.

„Во однос на научната и апликативната дејност овде секако овде може и ќе се развиваат апликации и мултимедијски содржини затоашто има и можност да се користи виртуелната купола на имерсивен и семиимерсивен начин такашто ќе може присутните да ‘потонат’ во виртуелната реалност и да ја доживеат скоро на ист начин како да биле присутни таму“, рече деканот Ристевски.

Од 1 јануари годинава УКЛО е дел ое Европската универзитетска алијанса „Колорс“ со уште други 8 европски универзитети, а здружувањето подразбира понуда на заеднички наставни програми заедно со можноста дел од предметите да се слушаат кај нас, а дел во странство.

„Ќе доаѓаат од тие 8 земји и наствници и студенти и оваа купола за виртуелна реалност ќе биди една од тоа што можеби ќе ги привлече да изберат предмети на нашиот универзитет, но и преку далечинско образование може да се реализираат заеднички проекти за оние настани кеде нема да можат да дојдат физички, со оваа купола ќе може учесниците да се почувствуваат скоро како да се во реалноста. Иако,реалноста секогаш е број еден, но и виртуелната се приближува до реалноста“, вели Неделковски

И пред да се направи пофалба на успешниот проект…Оваа купола отвора една реална посакувана реалност – компарација на нашите со европските студенти.

„Многу сум задоволен и изнеаден од овој проект, бидејќи има многи проекти кои може да се прават , не само со нашите студенти овде туку и со други студенти , колеги што се од други државу во Европа“, вели Томислав Анчевски, студент на ФИКТ.

„Дефинитивно новата инвестиција е примамлива, со нетрпение чекаме да ја испробаме и да ги искористиме сите нејзини бенефити, од виртуелна реалност па се до самите системи АИМЕК, односно all in one конфигурации, лаптопи, сензори“, вели Филип Костовски, студент на прва година ФИКТ.

„Можам да кажаме дека сум многу пријатно изненаден од инвестицијава и колку што гледам, гледам добра иднина на факултетов, гледам дека ќе имаме соработка и со странски студенти, очекувам да запознам многу од нив“, вели Мартин Димитриоски, исто студент на прва година ФИКТ.

Заеднички е заклучокот дека постоењето на оваа современа опрема веќе започна да овозможува уште поголемо популаризирање на техничките науки во Универзитетот во Битола, налик на времето на почетоците на Универзитет пред повеќе од 7 децении.

Инаку, мало пребарување на интернет води до дефиницијата дека „Виртуелната реалност (VR) е симулирано искуство кое користи следење на позата и 3D прикази блиску до очите за да му даде на корисникот извонредно чувство на виртуелен свет. Апликациите на виртуелната реалност вклучуваат забава (особено видео игри), образование (како медицинска или воена обука) и бизнис (како виртуелни состаноци). Други различни типови на технологија во стилот на VR вклучуваат зголемена реалност и мешана реалност, понекогаш наречени проширена реалност или XR, иако дефинициите во моментов се менуваат поради зачетокот на индустријата.“

ТВ Тера

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ