сабота, 27 јули 2024

На БиХ ѝ истекува рокот за два клучни закони, решение сè уште нема

Крајот на февруари е последниот рок до кој Босна и Херцеговина мора да усвои уште два закони за Европската комисија да препорача на таа земја на заседанието на Европскиот совет во март да ѝ се одобри отворање на пристапните преговори, но додека времето истекува нема назнаки дека партнерите во власта се блиску до постигнување на нужните компромиси.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Минатата недела Домот на народите на парламентот на БиХ конечно го изгласа законот за спречување перење пари и финансирање тероризам, но со тој закон треба државниот парламент да ги усвои и законите за спречување конфликт на интереси и за судовите.

Партиите од Федерацијата БиХ соопштија дека нема попуштање на едно од клучните барања на српскиот лидер Милорад Додик законот за судовите да се усвои само ако второстепениот оддел на Судот на БиХ има седиште во Бања Лука.

Сегашниот предлог е седиштето на второстепениот оддел на Судот на БиХ да биде во источно Сараево, бидејќи и самиот суд е во Сараево, а во близина на главниот град е и државниот затвор.

Властите на Република Српска бараат второстепениот суд да се смести во Бања Лука, истакнувајќи дека тие имаат право да одлучуваат за локацијата, според политичкиот договор на владејачката коалиција.

За владејачката коалиција нерешен предизвик останува и промената на изборниот закон, бидејќи ХДЗ БиХ инсистира во тој пакет да се реши и прашањето за начинот на изборот на членот на Претседателството на БиХ од редот на Хрватите. За тоа пак е потребна промена на уставот, односно двотретинско мнозинство во парламентот на БиХ, кое владејачката коалиција го нема.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ