понеделник, 21 октомври 2024

На американските демократи не им се допаѓа лотаријата за гласачите, бараат Маск да го испраша полицијата

Гувернерот на Пенсилванија Џош Шапиро ѝ предложи на полицијата да ги истражи постапките на Илон Маск откако технолошкиот милијардер организираше еден вид лотарија во која сака да им додели на гласачите по милион долари, со цел поддршка на кампањата на републиканскиот кандидат Доналд Трамп.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Маск најави дека секој ден ќе дава по милион долари на регистрирани гласачи во клучните држави ако ја потпишат неговата петиција за одбрана на „слободата на говорот и правото на носење оружје“. Првиот чек му е врачен на добитникот во саботата, а го добил Џон Дрехер за време на митинг во Харисбург во Пенсилванија.

Во извлекувањето за милион долари можат да учествуваат оние кои ќе ја потпишат петицијата која ги поттикнува републиканците во клучните држави да се регистрираат за гласањето. Маск најави дека наградната игра ќе трае до денот на изборите 5 ноември.

Шапиро, поранешен генерален државен обвинител и истакна демократ, ги нарече постапките на Маск „длабоко загрижувачки“.

„Мислам дека постојат клучни прашања за тоа како тој ги троши парите во оваа трка. Тоа е нешто со што би можеле да се позанимаваат органите за спроведување на законите. Маск има право да може да ги изрази своите ставови. Не го негирам тоа, но кога ќе почнете да уфрлате волку многу пари во политиката, мислам дека тоа поставува сериозни прашања на кои луѓето можеби би сакале да добијат одговори“, кажа Шапиро.

Технолошкиот могул почна отворено да го поддржува Трамп откако поранешниот претседател преживеа обид за убиство во јули. Во последните месеци Маск донираше 75 милиони долари преку комитетот за политичка акција Америка ПАК.

Во последните две недели од предизборната кампања, анкетите покажуваат дека демократската кандидатка Камала Харис и републиканецот Трамп се борат за победа во сојузните држави Аризона, Џорџија, Мичиген, Пенсилванија, Северна Каролина и Невада, кои би можеле да бидат клучни за победа на изборите.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ