сабота, 27 јули 2024
ДИК ги преброја гласовите

На 8 мај во втор круг за избор на претседател одат Сиљановска Давкова и Пендаровски

Во вториот круг на 8 мај одат Гордана Сиљановска Давкова од ВМРО-ДПМНЕ, со освоени 363.086 гласови и актуелниот претседател Стево Пендаровски со 180.500 гласови. Обработени се гласовите од 3.505 од 3.508 гласачки места, соопшти попладнево Државната изборна комисија (ДИК). Во моментов течат роковите од 48 часа за приговори до ДИК од учесниците во изборите.

Објавено на

часот

Сподели

Од ДИК соопштија дека на три места во Куманово гласањето беше прекинато поради технички проблеми, затоа што станува збор за мал број на гласови кои немаат влијание врз крајниот исход, па ДИК донесе одлука да го поништи ова гласање и соопшти дека нема да се прегласува.

„Врз основа на пристигнатите записници од ОИК доставени до ДИК и од увидот во истите и комуникацијата што ја имавме остварено во текот на вчерашниот ден со ОИК Куманово утврдивме дека избирачките одбори на овие три места немаат постапено соодветно на упатствата што ги носи ДИК“, рече Бобан Стојановски од ДИК.

Исто така ДИК ја задолжи и правната служба да утврди дали има основи за одговорност на избирачките одбори.

„Ова го правиме не само затоа што има законска основа за разрешување, туку и поради нашата законска обврска да се грижиме за законитоста и да испратиме во очи на вториот круг од претседателските избори и парламентраните избори генерална порака за правата и одговорностите на органите за спроведување на изборите. Тоа ќе биде порака до сите избирачки одбори дека треба да си ја вршат работата одговорно и согласно законот“, рече Борис Кондарко.

ДИК одлучи избирачките одбори на 8 мај кога ќе се одржи вториот круг од претседателските избори и првиот круг од парламентарните избори да имаат по седум члена наместо сегашните пет члена со цел подобра ефикасност во организацијата на работа, избегнување на гужви на гласачкото место и избегнување на можноста од евентуални грешки.

Според првичните официјални резултати што попладнево ги објави ДИК, во вториот круг од претседателските избори влегуваат кандидатите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, Стево Пендаровски и Гордана Сиљановска-Давкова.

За Сиљановска-Давкова гласале 363.086 гласови или 40.08 проценти, за Пендаровски 180. 500 гласачи или 19,92 проценти, за Бујар Османи од ДУИ 121.088 или 13,07 проценти, за Максим Димитриевски од ЗНАМ 83.856 гласови или 9,26 проценти, за Арбен Таравари од албанската опозиција Вреди 83.393 гласови или 9,2 проценти, за Билјана Ваковска од Левица 41.331 глас или 4,56 проценти и за Стево Јакимовски од ГРОМ – 8.121 глас.

Во првиот круг на гласање излегле 905.971 граѓани односно 49,93 проценти. Вкупниот број на неупотребени гласачки ливчиња е 908.384, а вкупен број на неважечки ливчиња 24.562 или 2,71 проценти.

Приговорите за постапката на гласање може да се поднесат до ДИК до утре до 19 часот, а до утре на полноќ истекнува и рокот за приговори во однос на сумирањето на резултатите од изборите.

ДИК е должна да донесе одлука во рок од 72 часа по приемот на приговорот, а кандидатите имаат право на тужба до Управниот суд кој, пак треба да одлучи во рок од 48 часа по приемнот на тужбата.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ