петок, 26 јули 2024

На 28 јануари почнува да тече рокот од 100 дена до изборите

До 28 јануари Македонија ќе има нов, технички премиер, Талат Џафери и нов претседател на Собранието, Јован Митревски. Почнува да тече рокот од 100 дена до изборите договорени за 8 мај.

Објавено на

часот

Сподели

На 11 јануари ќе имаме Извршен комитет и ќе имаме Централен комитет на партијата, ќе разговараме на тема техничка влада и во деновите кои ќе следат ќе се знаат имињата, изјави вчера лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Тој смета дека треба да учествуваат во техничката Влада, но вели дека нема да гласаат во Собранието. Талат Џафери не ја заслужи поддршката на ВМРО-ДПМНЕ, рече Мицкоски.

Неофицијално, ВМРО-ДПМНЕ за министер за внатрешни работи ќе го предложи  Наќе Чулев, а за заменик министер за земјоделство Цветан Трипуновски. Кои ќе биде нивниот предлог за министер за труд и социјална политика и заменици министер за финансии и за информатичко општество и администрација засега не се знае. Иако ќе учествуваат со двајца министри и тројца дополнителни заменици, ВМРО ДПМНЕ ќе гласа воздржано и за своите – поради техничкиот премиер.

Од СДСМ велат дека остануваат истите министри, а Митко Бојмацалиев е нивниот предлог за заменик министер за внатрешни работи. Тој е сегашен шеф на кабинетот на актуелниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски.

Најавената средба на премиерот и претседател на СДСМ Димитар Ковачевски со Мицкоски за составот на новата влада засега не се знае кога и каде ќе се одржи.

Во однос на изборите останува отворено прашањето за составот на Државната изборна комисија. Европскиот сојуз за промени, трите опозициски партии на Албанците во Македонија – Беса, Алтернатива и Демократско движење, го обвинија Џафери за манипулации и најавија бојкот на работата на Собранието ако не се избере нивниот кандидат за член на ДИК. Тие ја повикаа и ВМРО- ДПМНЕ да направи дополнителен притисок и да ги повлече своите двајца члена од ДИК.

„Ја анализираме состојбата. Не сакаме да оставиме да продолжат да дивеат Спасовски, Ковачевски, Маричиќ, Османи, Груби и останатите и затоа внимателно ќе размислиме како ќе се однесуваме во периодот што следува“, вели Мицкоски.

Наредните денови Талат Џафери треба да поднесе оставка од претседател на Собранието и пратеник. Тој е предлогот на власта за технички премиер. Јован Митрески од СДСМ е предлогот за нов претседател на Собранието. До 28 јануари и Ковачевски треба да поднесе оставка на премиерското место.

Мандатот на техничката влада ќе биде да ги организира парламентарните и претседателски избори закажани на 24 април и 8 мај.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ