петок, 25 октомври 2024

МЗШВ: Jавниот повик за набавка на педигриран добиток e отворен до 16 ноември

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) ги потсетува сточарите дека во тек е јавниот повик за набавка на педигриран добиток. Крајниот рок за поднесување апликации на овој јавен повик за оваа мерка е до 16 ноември годинава.

Објавено на

часот

Сподели

„Поддршката од оваа мерка се однесува за набавка на високостелни педигрирани јуници за млеко, месо и комбинирани млеко-месо и месо-млеко, со исклучок на расата буша, потоа набавка на педигрирани машки и женски приплодни грла овци и набавка на педигрирани машки и женски приплодни грла кози. Како корисници на оваа мерка се јавуваат земјоделските стопанства запишани во Единствениот регистар на земјоделски стопанства во Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, согласно Законот за земјоделство и рурален развој“, информира ресорното министерство.

Максималната вредност на прифатливи трошоци по корисник изнесува 10 милиони денари, што претставува поврат на направената инвестиција од 50 проценти до 75 проценти.

Аплицирањето за оваа мерка се врши по електронски пат, односно сите заинтересирани ќе треба да креираат електронско барање за финансиска поддршка со податоци за инвестицијата и да ги прикачат сите потребни документи преку порталот e-baranje.ipardpa.gov.mk

МЗШВ напоменува дека барателите кои имаат важечки договор од претходните години за набавка на добиток, односно не ја реализирале планираната инвестиција, немаат право да аплицираат на овој јавен повик.

Заинтересираните апликанти повеќе информации за повикот можат да најдат на веб страната на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој (АФПЗРР). 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ