петок, 18 октомври 2024

МЖСПП селективно избирало проекти и несразмерно ги плаќал, констатирал ДЗР

Неправилности и неусогласености од различна природа, кои влијаат на изразување на неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2022 година и за усогласеноста со законската регулатива констатирал Државниот завод за ревизија (ДЗР) по извршената ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на Министерство за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) за 2022 година.

Објавено на

часот

Сподели

„Со ревизија на начинот и средства за финансирање на проекти опфатени во Програмата за управување со водите, согласно која се предвидени средства од околу 51 милион денар, чија распределба е во надлежност на Министерството, констатирано е дека не е воспоставен објективен и реален систем на избор на проекти, како и ризик за несоодветно користење на средства поради непостоење на јасни критериуми и правила специфични за реализација на овие проекти. Имено, со извршениот увид и анализа на документацијата поврзана со начинот на реализација на годишната Програма за управување со води за 2022 година на ревизијата не и беше доставена комплетна документација за сите доставени барања и доказ за нивна евалуација. Со увид во извршената евалуација и предлог листите на општините кои ги исполнуваат условите од програмата и одлуката за избор, утврдено е селективен и необразложен начин на избраните проекти во распределбата на средства за финансирање и реализирање на проектите, а и процентот на одобрените средства од побараните е различен и се движи од 30 до 100 отсто“, информираат денеска од ДЗР.

Исто така, поради недоставување поединечни извештаи за реализација на средствата од страна на органите на управата, до Владата не е доставен Извештај за реализација на средствата, состојба која може да има влијание на утврдувањето на реалните потреби за идни програмски и инвестициони активности при носење на Програмата за води од страна на Владата во идниот период.

Со ревизијата се утврдени неправилности и во однос на утврдување на динамиката на наплата на надоместокот за користење на водното право кој е приход на Буџетот.

„Склучени се спогодби со давателите на водни услуги за плаќање на ненаплатениот пресметан надоместок за користење и испуштање на вода на повеќе месечни рати, во вкупен износ од околу 113 милиони денари. Заклучно со септември 2023 година од вкупно пресметаните достасани месечни рати во висина од 49 милиони денари, наплатени се 23 милиони денари, или 47 отсто, додека за наплата остануваат неплатени надоместоци  кои се приходи на Буџетот во износ од приближно 90 милиони денари, односно 1.4 милиони евра“, велат од Државниот завод за ревизија.

Оттаму појаснуваат дека врз основа на Уредбата за Методологија за распределба на средства како приход од надоместокот за производство на енергија од фосилни горива, а на предлог на Министерството за локална самоуправа, Владата секоја година носи Одлука за распределба на средства остварени по основ на надоместок за производство на енергија од фосилни горива како наменски дотации на општините.

„Со извршениот увид во Одлуката за распределба на средства остварени по основ на надоместок за производство на енергија од фосилни горива како наменски дотации на општините за 2020 година, на девет општини им се доделени средства во вкупен износ 26 милиони денари. Констатирано е дека од определените девет општини, четири општини не доставиле програма поради тоа што средства кои им се доделени не се доволни за целосна реализација на проектите, додека пак за неискористените средства не постои законска основа истите да бидат префрлени во наредната година“, се вели во соопштението од ДЗР.

Според Државниот завод за ревизија, средства кои се обезбедуваат од Буџетот, како и донаторски средства од тековни повеќегодишни проекти на Министерството, се обезбедуваат за реализација на целите определени во Националната стратегија за заштита на природата (2017-2027), а од извршениот увид, за периодот од 2020 до 2022 година ревизорите утврдиле дека преовладува нискиот процент на буџетски средства кои се издвојуваат во секторот природа.

Со увидот во реализацијата на  Годишните програми за заштита на природата за 2020, 2021 и 2022 година, констатирано е дека доделените средства од Буџетот на државата во вкупен износ од 2,400 милиони денари и донаторските средства од повеќегодишните проекти на Министерството во вкупен износ од 375.999 илјади денари не се воопшто или во целост реализирани.

Одредени неправилности ревизорите утврдиле и при уплата на надоместокот од регистрација на моторни возила и пловни објекти кој претставува еколошки надоместок кој се наплатува при регистрација на моторни возила и пловни објекти од страна на станиците за технички преглед и регистрација на возилата.

„На сметката на основен буџет на Министерството во текот на 2022 година по овој основ се остварени средства во висина од околу 248 милиони денари. Со извршениот увид во начинот на водење на евиденцијата и наплатата на надоместокот по овие основи утврдено е отсуство на уплата на надоместокот при регистрација на пловните објекти, потреба од воспоставување единствен систем за следење на овој приход кој ќе овозможи одговорните лица во Министерството да имаат увид во наплатените средства од страна на Министерството за внатрешни работи и правните лица кои вршат технички преглед. Исто така, потребно е и зајакнување на контролата на документацијата кај правните лица кои вршат технички преглед на наплатата и пресметката на надоместокот, како и потреба од ажурирање на одредбите од договорите со правните лица – технички станици согласно последните измени на законската регулатива“, појаснуваат од ДЗР.

Ненавремена и нецелосна наплата, ревизорите исто така утврдиле и во наплатата на надоместоците за поседување на А и Б интегрирани еколошки дозволи.

„Со ненавремено издавање на решенија за плаќање на надоместокот за поседување на А-интегрирана еколошка дозвола се остварени помалку приходи во буџетот на Министерството по овој основ од приближно 3 милиони денари, односно околу 48 илјади евра. По доставување на Нацрт извештајот од спроведената ревизија на Министерството, од страна на одговорните лица се преземени мерки и активности за наплата и пет правни субјекти извршиле уплата на средства во износ од 1 милион денари, односно 16 илјади евра на сметката на Министерството“, соопштуваат од Државниот завод за ревизија.

Имено, од вкупно регистрирани 111 активни корисници на А и Б интегрирана дозвола за 2021 година (98 корисници на А интегрирани инсталации и 13 корисници на Б интегрирани инсталации) од страна на 18 корисници не е доставен годишен извештај за поседување на интегрираната дозвола, додека пак за 17 субјекти кои поседуваат А-интегрирани еколошки дозволи и се евидентирани во Регистарот, од 2018 година не се издадени решенија за годишен надоместок за поседување на А – интегрирана еколошка дозвола, посочуваат од ДЗР.

„Исто така, евидентирани се ненаплатени побарувања од минати години во висина од 9 милиони денари по основ на поседување на интегрирана еколошка дозвола од кои 5 милиони денари или 53,4 отсто се постари од три години, за кои на ревизијата не и беа доставени докази за навремено и целосно утужување, односно покренување на постапки за присилна наплата на сите должници кои во редовен рок не го платиле надоместокот за поседување на интегрирана еколошка дозвола и со тоа го оштетуваат буџетот на Министерството“, велат од Заводот.

Неправилности со извршената ревизија се констатирани и во евиденцијата и наплатата на надоместокот за биоразградливи кеси, не целосен извршен попис на средствата, побарувањата и обврските, не се евидентирани дел од деловните објекти кои ги користи Министерството, како и неправилности во дел од јавните набавки, за кои се дадени препораки во насока на преземање на мерки и активности за нивно надминување.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ