Од МЖСПП информираат дека за изградбата на регионалните системи за управување за отпад потребни се големи финансиски средства за кои општините немаат капацитет да ги обезбедат, а МЖСПП во изминатиот период работеше на обезбедување на овие средства и на подготовка на планска документација за реализирање на регионалниот систем за управување со отпад.
„Проектот за изградба на оваа нова санитарна депонија е подготвен во јуни 2017 година во рамки на проект финансиран од ЕУ. Дел од средствата беа обезбедени како грант, преку ИПА фондовите, потоа е потпишан договор со Европската Банка за Реконструкција и Развој (ЕБРД) за реализирање на проект за техничка помош кој даде насоки за начинот на финасирање на регионалните системи за управување со отпад за четири региони. Тука припаѓа и Пелагонискиот регион, кој заедно со Југозападниот претставуваат еден регион за управување со отпад. По препорака на ЕБОР депонијата Новаци наместо да добива отпад само од 9-те општини од Пелагонискиот регион ќе добива отпад од 18-те општини од двата региона. Ова е дефинирано со Планот за управување со отпад на Република Северна Македонија 2021-2031 година, кој воедно беше дискутиран на јавни расправи на кои се запозна целата јавност и потоа истиот беше донесен од страна на Министерот за животна средина и просторно планирање“, соопштија од МЖСПП.
Регионалната депонија е предвидено да биде изградена на девастирано,оштетено земјиште кое со ваквото искористување ќe даде бенефит и за населението и за животната средина. На депонијата ќе завршува најмногу до 50 насто од отпадот што се генерира од сите општините, бидејќи регионалниот систем предвидува примарна селекција на отпадот што може да се рецилкира и кој ќе заврши во инсталиции за преработка.
Со изградбата на регионалната санитарна депонија, посочуваат од МЖСПП, ќе се создадат услови за добро и контролирано управување со отпадот, како решение на сегашните проблеми за животната средина и здравјето што произлегуваат од стотиците диви ѓубришта во Пелагонискиот регион и особено од штетното влијание на постоечката локација за отстранување на отпад во Мегленци која се користи од страна на општина Битола.
Инвестициската структура за воспоставување на овој основен заеднички систем за управување со отпад за Југозападен и Пелагониски изнесува 30.1 милиони евра, средства кои не можат општините во регионите сами да ги обезбедат и затоа, нагласуваат од МЖСПП одлуката за протестите е неоснована бидејќи граѓаните на Општина Битола не се запознаени доволно со овој проект.