среда, 23 октомври 2024

МВР преку апликација ќе се бори против родовото и семејното насилство

Промовирана мобилна апликација за зајакнување на полицијата во постапување на случаи на родово базирано и семејно насилство

Објавено на

часот

Сподели

Апликацијата треба да помогне да се зајакнат капацитетите  на полицијата во постапувањето со жени жртви на насилство и семејно насилство. Содржината на апликацијата е изработена од работна група со членови од Центарот за обука, Бирото за јавна безбедност и Одделот за информатика и телекомуникации.

Истата ќе биде дел од материјалите за учење за кадетите за полицаец, но и од континуираниот процес на учење на полициските службеници на работните места.

„Полициската професија е сложена и комплексна. Од полицискиот службеник се очекува брз и ефикасен одговор, но и одговор кој во целост ќе ја задоволи процедуралната правда за жртвите. Полициските службеници често се соочуваат со предизвикот да дадат одговор по пријави за родово базирано насилство врз жени и семејно насилство, а потребата за почитување на процедурите во постапката е од извонредно значење за жртвата, но и за полицијата како служба која има примарна надлежност да штити преку соодветно постапување.“, потенцираше министерот за внатешни работи Панче Тошковски.

Министерот Тошковски нагласи дека ваквите алатки за учење како што е мобилната апликација за родово базирано насилство и семејно насилство, треба да го овозможи процесот за полесно учење, за следење на процедурите при постапувањето по пријави за овој вид на кривични дела.

„Родово базираното насилство врз жени и семејното насилство е проблем кој ја засега целата заедница. Мултисекторскиот одговор, брзината и ефикасноста на одговорот кој го нуди полицијата треба целосно да биде заснован на родово разбирање на насилството, одговор без дискриминација, одговор со кој во центарот на целокупното внимание ќе биде ставена жртвата, нејзините права и потреби. Знаењето на процедурата, познавањето на начелата за постапување, протоколот за соработка со другите институции  се една од гаранциите за обезбедување на ефикасен систем за помош, поддршка и заштита на жените жртви на насилство“, рече Тошковски.

Според него, Министерството за внатрешни работи, во целиот процес на реформи и развој, акцентот го става на развивање на дигитални алатки за учење, но и дигитализација на работните процеси со што ќе се овозможи брзина, ефикасност и намалување на можности за грешки во работата.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ