сабота, 27 јули 2024

МВР: Предизборниот молк нарушен со бонови за гориво, оштетени банери, посети по дома, нудење поткуп…

Министерството за внатрешни работи информира дека за време на предизборниот молк регистрира настани за повреда на слободата на определување на избирачите, делење на бонови… Во сите наведени случаи се преземени и соодветни мерки од страна на полициски службеници.

Објавено на

часот

Сподели

На 7 мај Е.Д. од Крњево пријавил дека во домот дошле три лица од ДИК, со цел неговиот дедо да оствари право на глас од избирачко место бр. 2828. Е.Д. се сомневал дека не биле лицата од ДИК, бидејќи не биле претходно известени и требало да присуствуваат пет лица. СВР Скопје презема мерки и активности за расчистување на настанот.

Во Куманово обвинителството и полицијата презеле активности во врска со настанот кога  лице од Крива Паланка на повеќе граѓани од градот делело бонови за точење на гориво на бензинска пумпа. Извршен е претрес на простории на бензинската пумпа, каде во присуство на Ј.Ј. и М.Ѓ. биле пронајдени пет бонови за гориво во вредност од по 1.000 денари со втиснат датум од 8 мај и еден бон за гориво во вредност од 2.000 денари, шест фискални сметки, а во торбата која ја носел вработениот пронајдени се два бона за гориво во вредност од по 1.000 денари и фискална сметка. Во просториите на полициската станица во Крива Паланка повикани се Б.С., С.М., М.Ѓ. и М.Д., сите од Крива Паланка поради извршување на службен разговор и се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На улицата „Маршал Тито“ во Тетово, А.К. (24) од село Стримница вчера пријавил дека се оштетени два банера со рекламен материјал од политичка партија кои биле поставени на кружен тек од улица „В.С.Бато“ со улицата „Маршал Тито“ во Тетово. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 7 мај во 22 часот, Ц.Т. од Неготино пријaвила кривично дело „повреда на слободата на определување на избирачите“, извршено од Л.Р. од Неготино. Имено, според пријавеното, околу 20,17 часот, Ц.Т. добила телефонски повик од Л.Р. за поддршка за гласање, на што Ц.Т. одговорила негативно. Потоа Л.Р. ѝ нагласила на Ц.Т. дека имала земено ИПАРД поддршка, по што го прекинала повикот. За настанот известен е надлежен јавен обвинител и ќе се преземат дополнителни проверки.

Во непосредна близина на избирачко место 1180 во ОУ „Христијан Т.Карпош“ во село Драгоманце општина Старо Нагоричане забележани биле расфрлани летоци од политичка партија. Летоците се отстранети.

Од МВР информираат дека во текот на изборниот молк пријавени се и неколку случаи за наводно агитирање и нудење поткуп, но по преземени мерки од страна на полициските службеници тие наводи до сега не се потврдени.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ