Како што информираше МВР, првопријавениот, како заменик командир на полициската станица (ПС) Гази Баба ја злоупотребил службената положба и овластување на начин што како раководител со несоодветно водење на евиденција за распоред на работа, спротивно на подзаконски пропис со кој се пропишува начинот на евидентирање на реализираните часови на вработените во Министерството за внатрешни работи на 12 полициски службеници- вработени во ПС Гази Баба им овозможил да се стекнат со право за исплата на бонус на плата во 2023 година и без да ги исполнат условите утврдени со Законот за работните односи на секој поединечно им била исплатена бонус плата во износ од 36.614 денари или вкупно 439.368 денари, во кој износ го оштетил буџетот на Министерството за внатрешни работи.
Второпријавениот, како командир на полициското одделение (ПО) Арачиново, третопријавениот како инспектор во ПО Арачиново и четвртопријавениот како инспектор во ПО Арачиново со несоодветно водење на евиденција за распоред на работа, спротивно на подзаконски пропис со кој се пропишува начинот на евидентирање на реализирани часови на вработените во МВР, ја злоупотребиле службената положба и овластување на начин што на седум полициски службеници вработени во ПО Арачиново им овозможиле да се стекнат со право за исплата на бонус на плата во 2023 година и без да ги исполнат условите утврдени со Законот за работните односи на секој поединечно им била исплатена бонус плата во износ од 36.614 денари или вкупно 256.928 денари, во кој износ го оштетиле буџетот на Министерството за внатрешни работи.
„Петтопријавениот како вработен во ПС Гази Баба како службено лице со намера за себе да прибави противправна имотна корист поднел своерачно потпишана изјава со лажна содржина, во која изјавил дека има остварено повеќе од 150 часа прекувремена работа и немал повеќе од 21 ден отсуство од работа во текот на 2023 година, по што му било изготвено решение за утврдено право за исплата на бонус плата во висина од една просечна нето плата во износ од 36.614 денари без да ги исполни предвидените услови утврдени со закон, во кој износ го оштетил буџетот на Министерството за внатрешни работи“, соопшти МВР.
Оттаму информираат дека одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди против именуваните полициски службеници ќе поднесе предлог за поведување на постапка за кршење на работниот ред и дисциплина и ќе изрече задолжителна мерка за отстранување на работно место-суспензија до завршување на дисциплинската постапка.