среда, 18 декември 2024

МВР поднесе кривична пријава против поранешниот директор и тројца вработени во ГТЦ

Единицата за финансиски криминал при Секторот за криминалистички истраги во Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал до Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје денеска поднесе кривична пријава против извршниот директор на скопскиот Градски трговски центар (ГТЦ) Ѓоко Трајковски и против уште тројца вработени во ова акционерско друштво. Тие се сомничат дека во периодот од 2017 до 2024 година ги сториле кривичните дела злоупотреба на службената положба и овластување и соизвршителство.

Објавено на

часот

Сподели

Според МВР, осомничените делата ги сториле така што второпријавениот Г.И. во својство на претседател на Комисија за спроведување на јавна набавка, заедно со третопријавениот и четвртопријавениот Д.С. и С.Т., членови на комисијата, во текот на 2020 година со неизвршување на својата службена должност постапиле спротивно на одредбите на Законот за јавни набавки и спровеле постапка за јавна набавка за потребите на Градски трговски центар во која неосновано ја отфрлиле понудата на економски оператор од Скопје, иако согласно со бараните критериуми во тендерската документација не постоеле услови за отфрлање, при што од двајца понудувачи како единствена понуда за евалуација останала понудата од друг економски оператор од Скопје, која била речиси двојно поскапа. По ова, тие подготвиле извештај за спроведена постапка во кој дале предлог за најповолна понуда да се одбере двојно поскапата понуда.

„Првопријавениот Ѓ.Т. во својство на извршен директор на ГТЦ, ја злоупотребил својата службена положба со неизвршување на својата службена должност така што постапил спротивно на одредбите на Законот за јавни набавки и иако бил должен да увиди дека постапката не е спроведена согласно со законот, истиот донел одлука за избор на најповолен понудувач и во име на ГТЦ со правното лице од Скопје склучил рамковна спогодба за јавна набавка за стоки и услуги, со вкупна вредност на спогодбата од  31.000.000 денари, без ДДВ и времетраење на спогодбата од една година, по којашто рамковна спогодба и склучени договори кон истата на правното лице од Скопје му биле исплатени вкупно 30.999.325 денари“, информираа од МВР.

Со ваквите инкриминирани дејствија и со непостапување согласно своите службени овластувања, дополнуваат од МВР, пријавените го сториле делото злоупотреба на службена положба и овластување и кривичното дело  соизвршителство, со што му овозможиле на правното лице од Скопје да стекне противправна имотна корист вредна околу 500.000 евра.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ