среда, 15 јануари 2025
Писмо

МВР одби да го вработи првенецот на генерација на криминалистика од Факултетот за безбедност

Објавено на

часот

Сподели

Писмото на Александар Стојановиќ ви го пренесуваме во целост:

Поминаа скоро две години откако аплицирав за вработување во Министерството за внатрешни работи, како извршител со високо образование од областа на безбедноста. Документите ги поднесов на 3 август 2021, за пред некој ден, на 23 јуни 2023 година, да добијам одговор дека не сум избран за натамошна постапка за вработување во МВР, при што документите ми беа вратени на домашна адреса.

И се запрашав зошто сум одбиен? Дали е поради тоа што сум преквалификуван за да работам во МВР или во било која друга безбедносна служба во земјава?

Се запрашав како може првенец на генерација на Факултет за безбедностСкопје, со просечен успех од 9.93, со кристално чисто минато, да биде одбиен?

студент

Се запрашав како може системот толку да потфрли и да не ги регрутира по автоматизам ваквите професионални кадри, кои макотрпно и деноноќно вложувале труд и се жртвувале за своето професионално и стручно усовршување?

За жал, сведоци сме на една апокалиптична општествена деградација, каде вистинските вредности и доблести веќе не се применуваат, каде владее состојба на аномија и социјално безредие. За наша несреќа, живееме во општество кое самото од себе генерира институционален криминал, каде неуките им ги земаат местата на оние кои вложиле во своето образование, каде стручноста и професионалноста се заменуваат со нестручност и непрофесионалност.

МВР

Сведоци сме на разни форми на корупција, непотизам, кронизам, партиски полтронизам и други срамни форми на уривање на здравиот општествен поредок.

Многу сум тажен што морам ова да го кажам, меѓутоа во последниве десетина години, а сигурно и повеќе, МВР и останатите безбедносни служби во Македонија функционираат врз принципот на функционирање на мали семејни и пријателски компании, при што одредени поединци ги сфаќаат овие институции како можност за вработување на своите роднини, пријатели и верни партиски послушници.

Но едно нешто мора да биде јасно, доколку продолжи овој тренд на уништување, криминализирање и депрофесионализација на институциите, тогаш дефинитивно сме осудени на пропаст. Што направија сите оние кои досега беа и кои се уште се на власт? За жал ништо, единствено нешто во кое имаа успех е протерувањето на сите млади и способни интелектуалци од државата. Дозволија земјава да ја напуштат многу млади доктори, економисти, архитекти, електро инженери, машински инженери, правници, безбедњаци и уште многу други млади луѓе од сите останати струки. А што оставија за нас? Оставија пустош, квази научници, квази министри, квази функционери, квази професорчиња, квази општество.

Не го пишувам ова за да добијам внимание и вработување, не, тоа повеќе не ми е потребно, бидејќи како професионалец успеав да се вградам во приватниот безбедносен сектор. Го пишувам ова поради револт и незадоволство од институционалниот систем, од луѓето кои се на чело на институциите, од неправдата која им е нанесена на младите генерации. Го пишувам ова со цел сите луѓе да ја слушнат вистината.

Оливер Спасовски, каде заминаа ветувањата кои како министер за внатрешни работи ни ги дадовте на првиот академски час на Факултет за безбедностСкопје, пред скоро 7 години, на 15.09.2016 година? Не знам дали се сеќавате, но рековте дека најдобро рангираните 5 студенти по просек од Факултет за безбедностСкопје, ќе бидат директно вработени во МВР и во останатите безбедносни служби во земјава. Времето докажа дека тоа се само празни зборови и дека реалноста е дијаметрално спротивна. Не само што првите 5 најдобро рангирани не се вработени, туку и првиот најдобро рангиран не е вработен. Срамно и понижувачки.

Никола Дујовски, за жал ги претворивте дипломираните криминалисти во костуми на закачалки, бидејќи очигледно ни вие, а ниту безбедносните институции, не сакате истите да ги ставите во употреба. Зошто? Бидејќи помеѓу тие костуми има многу млади и храбри луѓе, кои се подготвени за промени и кои си ја сакаат земјата, чија цел не е збогатување и кои не се водени од егоистични побуди“.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ