Директорот на Бирото за јавна безбедност при МВР, Александар Јанев истакна дека вежбата тече на исклучително професионално ниво, а брзината на реакција е соодветно, а едно вакво сценарио покажува колку сме ние како систем подготвени да ги почитуваме процедурите и да одговориме на реални закани.
„Безбедноста на вакви витални инфраструктурни објекти и на секој поединец без разлика дали е вработен или патник на аеродромот е од круцијално значење за нас како полиција, но и на Владата бидејќи со зајакнување и почитување на протоколите кои се пропишани за вакви ситуации нивната имплементација не мапира на високо ниво како служба и како држава во однос на безбедноста на аеродромот на европско и светско ниво“, рече Јанев кој додаде дека од досега спроведените инспекциски надзори нема поголеми забелешки.
Тој нагласи дека ова е дел од сетот на симулациски вежби кои што ги имаат во различни области каде како полиција секаде каде се засегнати даваат максимална поддршка и со човечки капацитет и со знаење за да ги осигураме граѓаните дека се грижиме за нивната безбедност.
Заменик-генералниот директор на ТАВ Македонија задолжен за операција Перо Лупевски истакна дека настанот е од исклучително значење за безбедноста на аеродромот и на патниците.
„Со оваа вежба демонстрираме подготвеност, координација и професионализам во справувањето со потенцијалните закани. Високото ниво на обука, брзината на реакцијата и соработката меѓу службите се клучни за заштита на аеродромската оперативан безбедност. Ова не е само тренинг, ова е залог за сигурност, доверба и успешна превенција. Продолжуваме како ТАВ Македонија да инвестираме во обука, во модернизција со цел да ги постигнеме и одржиме највисоките стандарди на безбедност“, рече Лупевски.
За време на вежбата, организирана од страна на аеродромскиот оператор, ТАВ Македонија, сите засегнати оддели на Меѓународниот Аеродром Скопје, и Министерството за внатрешни работи, а поддржани и во соработка со националните служби за одговор при итни ситуации и вонредни состојби предизвикани од дејствија на незаконско постапување, беше симулирана вонредна состојба со пратка од висока вредност, заложници и експлозија со импровизирана експлозивна направа, проследена со пожар во затворен простор во приемниот магацин при Карго центарот на ТАВ Македонија. Вежбата овозможи реална, практична можност за проценка и евалуација на координацијата за брз одговор и ефективноста на меѓуинституционалната координација меѓу одделите на скопскиот аеродром, Министерството за внатрешни работи, локалните и националните служби за итни ситуации и вонредни состојби и другите засегнати страни и чинители.
Согледувањата добиени од вежбата ќе се искористат за усовршување на програмите за обука, ажурирање на процедурите за итни ситуации и вонредни состојби, дополнително подобрување на безбедноста и обезбедувањето на патниците и персоналот и зајакнување на соработката и координацијата со МВР.