сабота, 27 јули 2024

МВР ги учеше децата, мигрантите, граѓаните како да се самоштитат од различни незгоди

На подрачјата на Секторите за внатрешни работи Скопје и Куманово, како и на Регионалниот центар за гранични работи Југ, поточно на Полициската станица за граничен премин и граничен надзор Богородица вчера беа реализирани превентивни активности насочени кон децата, мигрантите и на самозаштита од имотни деликти.

Објавено на

часот

Сподели

Како што информираат денеска од МВР, во заедничка соработка на СВР Скопје и Полициско одделение Сарај биле организирани активности на подрачјето на Ѓорче Петров, при што од страна на инспектори на паркинг просторот во близина на излетничко-туристичкиот центар Кањон Матка биле остварени средби со граѓаните кои ја посетија Матка. Целта на оваа превентивна активност е спречување и намалување на кривичните дела поврзани со имотни деликти, во насока на зголемување на нивото на самозаштита и поголема безбедносна култура кај граѓаните посебно за тешки кражби од моторни возила.

Притоа, граѓаните беа советувани да не оставаат вредни предмети во паркираните возила, особено торби со вредни предмети, лаптопи, паричници за да го намалат ризикот да станат цел на тешка кражба во нивното моторно возило.

Во фокусот на превентивната активност на Отсекот за превенција при СВР Куманово во соработка со Општинскиот совет за детско престапништво биле младите, учениците од прво до трето одделение во основните училишта во Куманово, кои на спортски терен пред општинското ОУ Крсте Петков Мисирков во Куманово, учествувале и се натпреварувале во „Игри без граници“.

„Целта беше низ игра, забава и меѓусебно дружење кај учениците да се подигне свесноста за благодатите кои им ги носи спортот, но и да се укаже на задачата која ја има полицијата во зголемување на безбедноста во заедницата и околу училиштата, која е примарна за безгрижно поминати училишни денови“, се наведува во соопштението.

„Илегална миграција и права на лицата мигранти“ била тема на превентивната активност спроведена во Прифатно-транзитниот центар Винојуг во Гевгелија од страна на полициски службеници од Регионалниот центар за гранични работи Југ, заедно со полициски службеници од Полициската станица за граничен премин и граничен надзор Богородица.

„Полициските службеници реализираа едукативни средби со мигрантите кои се моментално сместени во овој прифатно-транзитен центар, на кои низ непосреден разговор им ги презентираа одредбите од Законот за меѓународна и привремена заштита и за правото на азил, а беа споделени и едукативни летоци на повеќе јазици со корисни содржини во однос на нивните права“, се наведува во соопштението од МВР. 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ