сабота, 27 јули 2024

Музеј „Дражен Петровиќ“: Магичен храм во кој легендата вечно живее! (ФОТО+ВИДЕО)

Објавено на

часот

Сподели

На простор од 260 квадратни метри се изложени повеќе од 460 предмети поврзани со животот и со спортската кариера на еден од најголемите што некогаш биле дел од играта со портокалова топка, легендата на европската, југословенската и на хрватската кошарка – Дражен Петровиќ. Изминативе шест години низ кошаркарското светилиште минале повеќе од еден милион посетители од целиот свет, сите со една цел, да научат нешто повеќе за кошаркарскиот Моцарт, но и да му оддадат почит на великанот чиј живот заврши прерано, и тоа на трагичен начин.

„Дражен е кошаркар што целиот свој живот му го посвети на овој спорт. Кошаркарската топка му беше прва и единствена љубов. Желбата за победа беше најголемиот адреналин, кој го тераше да работи од рано наутро до доцна навечер. Во текот на целата кариера уриваше бариера и поставуваше стандарди, кои и ден денеска се легитимни“, беа првите зборови со кои бевме пречекани од кустосот во музејот.

Набргу, откако разбра дека станува збор за новинарска екипа од Македонија, во разговорот се приклучи и Бисерка Петровиќ, мајката на Дражен, која буквално со своите две раце го има кренато и се грижи за кошаркарското светилиште.

„Некои луѓе едноставно се родени за големи работи. Дражен беше меѓу нив. За жал, замина прерано, и тоа кога требаше да даде најмногу. Грижата за музејот ја сфаќам како обврска за зачувување на неговото наследство. Светот никако не смее да заборави кој беше тој и зошто беше еден и единствен. Поради тоа, пред кратко време, успеавме да се избориме за музеј и споменик на Дражен во неговиот роден Шибеник“, беа првите зборови на мама Бисерка, во чиј глас можеше да се почувствува прикриена тага.

Предметите поврзани со легендарниот кошаркар се поставени во десетина различни витрини поделени по различни сегменти и периоди од неговиот живот и кариера и тоа на две нивоа. Веќе при разгледувањето на првиот дел почнуваат да ве лазат морници и да ве облева студена пот, особено ако влегувате во кругот на среќници што имале можност да бидат современици со големиот Дражен и да ги гледаат неговите мајстории во дресовите на Шибенка, Цибона, Реал Мадрид, Портланд и на Њу Џерси како и на репрезентациите на поранешна СФР Југославија и на Хрватска.

Од присетувањата на неговите фантастични игри во реалноста ве враќа тивкиот, но јасен глас на кустосот, која почна да ни објаснува за една неверојатна коинциденција поврзана со несреќната смрт на Дражен на 7 јуни 1993 година во сообраќајна несреќа близу Минхен.

„Датумот 7 јуни се покажува судбински поврзан со животот на кошаркарот. Во музејот нема премногу предмети од сообраќајната несреќа во која загина, но тука е неговата лична карта, неоштетена од силниот удар на која може да се забележи неверојатен податок – таа истекувала токму на денот кога прерано заврши неговиот живот. Исто така, и дел од неговите училишни дипломи се заверени токму со тој датум“.

Меѓу другите предмети има еден куп пехари, медали, признанија, дипломи што Дражен ги имаше добиено за време на неговата феноменална кариера. Меѓу нив, ударно место има добиено и плакетата добиена од македонскиот весникот „Нова Македонија“, која во 1985 година го прогласила фантастичниот кошаркар за спортист на годината.

„Наградата од Македонија му беше особено драга на Дражен. Тој имаше почит кон Македонците, а за мене вие сте одличен народ, кој е талентиран за многу работи. Јас лично сѐ уште не можам да ја прежалам смртта на феноменалниот Тоше Проески, тој беше единствен. Во многу работи неговата и судбината на мојот Дражен се релативно исти. Двајцата беа одлични во тоа што го работеа, беа сакани од сите на овие простори и пошироко и двајцата заминаа во цутот на младоста на трагичен начин. Но така требало да биде“, ни го отвори срцето госпоѓата Петровиќ.

А дека и Македонците го сакаа Дражен најдобро докажува само површното разгледување на Книгата на впечатоци каде што многу често може да се видат записи напишани со кирилично писмо и потписи со традиционални македонски имиња и презимиња. За очекување е дека посетите на македонските кошаркарски вљубеници драстично ќе се зголемат во следниот период со оглед на скорашниот настап на МЗТ Скопје во АБА-лигата кога „металците“ ќе имаат зачестени гостувања во хрватската престолнина каде што воедно ќе го имаат и своето деби на 29 септември против Цибона.

Пред заминувањето од музејот, госпоѓата Петровиќ нè изненади со едно прашање поврзано со нашата држава.

„А што прави Васил Тупурковски, сѐ уште ли е активен?“

Зачуденоста исчезнува брзо, но само поради тоа што ја знаеме поврзаноста на Дражен со претседателот на Македонскиот олимписки комитет (МОК). Тупурковски беше претседател на Кошаркарскиот сојуз на Југославија (КСЈ) кога Шибенка предводена од Петровиќ стана шампион на СФРЈ во 1983 година по финалето против Босна, кое потоа беше поништено и требаше да се преигра. Хрватите одбија и службено загубија поради што Дражен остана крајно разочаран и одби да го врати претходно добиениот златен медал. Мама Бисерка набргу потоа ни објаснува детали од спорните моменти од пред 29 години.

„Тоа беше неверојатен меч. Дражен немаше ниту 18 години, а беше лидер на југословенскиот шампион. Премногу му се радуваше на тој медал и беше неверојатно разочаран кога му кажаа дека средбата е поништена. Можам да ви кажам дека Тупурковски беше еден од најголемите виновници што Босна беше фаворизирана. Тоа беше неколку месеци пред Зимскиот олимписки игри во Сараево и југословенскиот врв сакаше на секој можен начин да ја анимира босанската јавност, па дури и со подарување кошаркарска титула. Се сеќавам дека Циле од Дражен побара да ги промаши клучните слободни фрлања во последните секунди, кои се покажаа победнички за Шибенка само Босна да биде шампион. Но мојот син секогаш давал сѐ од себе и сакал спортски однос, поради што не ја прифати неговата сугестија. Поради тоа, Дражен беше единствениот кошаркар на Шибенка што Тупурковски не го бакна за време на доделување на медалите. А тоа него тоа многу го погоди“, ни открива госпоѓата Петровиќ.

Времето немилосрдно минува и доаѓа време за заминување. Но колку и да се задржите во музејот „Дражен Петровиќ“, ќе ви се чини премалку. Посакувате да можете засекогаш да останете во тој свет бидејќи во тие 240 квадратни метри кошаркарскиот Моцарт и понатаму живее, иако веќе 19 години не е со нас. Но првиот чекор надвор од овој храм ве враќа во реалноста. Сепак, се чувствувате исполнето и гордо бидејќи сте откриле еден нов свет во кој кошарката е религија, а големиот Дражен најголемо божество. Тој, според квалитетот што го поседуваше, дефинитивно го заслужи тоа.

Игор Крстевски

[video:http://www.youtube.com/watch?v=Mu-4tCxgQGg]

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ