„ Изгледа дека само ДУИ уште глуми дека се изненадени. Тие изгледа не ја сфатија пораката од претходното ставање на ‘црната листа’ на Рамиз Мерко, којашто беше јасно упатена порака дека коруптивното владеење или користење на власта и стратешките партнерства за лично богатење – не се американски стандарди, не се европски стандарди. Меѓутоа, мислам дека ова беше една хируршка интервенција, и ние како нова Влада – мораме и ние да ја сфатиме пораката дека процесот на реформи и водење на држава треба да се направи согласно законите и во корист на граѓаните. Сите тие коишто досега држеа монопол на евроатланскиот процес еден по еден завршуваат на ‘црните американски листи’, вели Муртезани.
Во однос на Реформската агенда, врзана со Планот за раст за Западен Балкан, со којшто земјава треба да добие 750 милиони евра, министерот уверува дека нема да има проблеми при нејзината имплементација.
“Во 2024 година предвидени се четири чекори во вредност од 17 милиони евра. Од тие четири чекори, две се веќе исполнети, една е делумно исполнета и другата е при крај. Имајќи ја предвид оваа динамика мислам дека нема да имаме големи проблеми при имплементација особено поради фактот што јас лично како министер сум имал координативни состаноци со сите министри коишто се дел од реформската агенда и како Министерство имаме на располагање голем број на инструменти преку кои можеме да ги поддржиме министерствата“, истакнува Муртезани.
Вели дека за исплата на првата транша од 52,5 милиони евра, имавме два предуслова -Договорот за инструмент за раст и ратификација во Собранието и Договорот за задолжување, односно заем и истиот да се ратификува во Собрание.
„Поминати се во Влада, јас го потпишав договорот за инструментот за раст, се чека многу брзо Собранието истите да ги ратификува. Меѓутоа, бидејќи станува збор за нов сет на реформи не само за земјите кандидати од Западен Балкан, туку и за Европската комисија првичните рокови декември 2024 се поместени за крај на февруари и првиот период за репортирање за спроведените реформи којшто беше 15-ти јануари е поместен за 15-ти март. Ова е дополнително време кое што ни дава нас уште една можност да се дополнително консолидираме. Понатамошните исплати ќе се направат после шестмесечните евалуации, односно извештаи“, вели Муртезани.
Дополнува дека наредните исплати ќе зависат од динамиката за спроведување на реформите.
Во однос на обвинувањата од ДУИ дека Коалицијата Вреди не се грижи доволно за правата на Албанците, Муртезани оценува дека овие теми кои ДУИ сега се обидува да ги отвори во јавноста, не се теми за да ги заштитат Албанците, бидејќи, како што рече, дури тие владееа за 20 години, 200.000 Албанци ја напуштија земјава.
„Ова се ниски обиди да ја изманипулираат јавноста за да можат да се заштитат себеси оти гледаат, а јавноста веќе гледа, дека следува процес на одговорност“, рече Муртезани.
Кога станува збор за стратешките планови на Министерството за европски прашања за 2025 година, Муртезани истакнува дека се работи на финализација на структурата за преговарање.
„Тоа е една комплесна операција, која ќе треба да ангажира меѓу 1000 и 1200 експерти од администрацијата и од пошироко, ги добиваме речиси сите скрининг извештаи, од 6 кластери 5 се веќе добиени и таму има одредени препораки кои оваа структура мора да ги стави во функција, да им ги додели на институциите за да можат да работат на спроведување на реформите“, вели Муртезани.
Министерот за европски прашања нагласува дека интензивно се работи на зајакнување на инфраструктурата и реализација на ИПА-програмите.
„Таму има голем простор за зголемување на капацитетот на апсорпција, редовно имплементирање на препораките и обврските од структурата на стабилизација и асоцијација, што е основа на целиот евроинтегративен процес и што е најбитно за Планот за раст. Потоа ја финализираме одлуката за воспоставување на структурата, бидејќи како што знаете со одлука на Влада имаме само поставен национален координатор, односно јас, за спроведување на реформата. Меѓутоа ќе ни треба комплетен систем за имплементација, мониторинг и евалуација, за да сме сигурни дека процесот на спроведување на реформската агенда оди како што треба и ако некаде се соочуваме со одреден проблем да имаме можност брзо да интервенираме“, вели Муртезани во интервјуто за МИА.