сабота, 27 јули 2024
Прес-конференција на коалицијата Вреди

Муртезани: ДУИ е подготвена да предизвика политичка криза

Серија симптоматични потези на раководството на ДУИ заедно со Извештајот на ОДИХР за потенцијалните ризици за изборите, кој ќе биде тема во Австрија на средбата на Габриел Ескобар со ОБСЕ, ни дава за право основано да се сомневаме во намерите на очајните губитници, кои на 08 мај ќе треба после 20 години да се префрлат во опозиција, изјави Орхан Муртезани од Алтернатива, на прес-конференција на коалицијата Вреди, додавајќи дека во очај ДУИ е подготвена да предизвика политичка криза.

Објавено на

часот

Сподели

Муртезани направи хронологија на, како што рече, крајно симптоматичните нивни ставови.

„Прво, Али Ахмети во февруари во Косово изјави дека сега не е време за претседател Албанец. Второ, кога во ДУИ станаа свесни дека не може да најдат начин да ја спречат Вреди да има претседателски кандидат, Артан Груби ја објави на Фејсбук реченицата ‘Само Али Ахмети’ , алудирајќи дека тој ќе биде нивен претседателски кандидат. Трето, кога Арбен Таравари објави дека станува претседателски кандидат на Вреди, Али Ахмети се исплаши дека ќе биде поразен и одлучи да го жртвува Бујар Османи, со идејата за уставни измени за промена на изборот на претседател и воведување нова функција заменик претседател, како услов на ДУИ за каква било коалиција со македонските партии. Потоа, на промоцијата на Бујар Османи на Калето, Али Ахмети излезе со четврта пишман аџија теза, односно го промовираше слоганот ‘Дојде време за првиот претседател Албанец’. Никогаш порано ДУИ не изгледал позбунето и поисплашено. Тргнувајќи од онаа народната ‘очајникот се фаќа за сламка’, земајќи го предвид Извештајот на ОДИХР кој прогнозира можна нестабилност и небезбедни избори, имаме основано право да се сомневаме дека ДУИ е подготвена да предизвика политичка криза за да не го признае извесниот пораз кој следи“, рече Муртезани.

Тој нагласи дека не смее да се занемари фактот дека претседателскиот кандидат на ДУИ до вчера беше претседавач на ОБСЕ и дека имал или морал да има увид и да учествува во изготвување на овој Извештај.

„ДУИ нема право да зборува за прв претседател Албанец бидејќи наместо да го подржи Арбен Таравари, одлучи да се обиде да ја саботира можноста тоа да се случи сега, веднаш во 2024 година. Никој не може да застане на патот на промените кои ги посакува албанскиот народ и тие ќе се случат. Вреди ќе формира Влада, победата е сигурна. Апелот до граѓаните е масовно да гласаат и да изберат 20 пратеници на Вреди  за да го направиме тоа што ДУИ не успеа да го направи за 20 години владеење. Ние ќе бидеме клучен фактор за исполнување на полноправно членство во ЕУ и гарантор за стратешкиот колосек на државата. А, за сите корупциски скандали на дел од раководството на ДУИ следи одговорност“, изјави Орхан Муртезани.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ