Михајло Мудрик се огласи откако утрово беше објавено дека паднал на допинг тест во месец октомври, и го чека долга суспензија доколку и во Б примерокот има траги на забранета супстанца.
Украинецот, за кого Челси плати околу 100 милиони евра, вели дека никогаш со знаење не земал забранета супстанца, па е шокиран од позитивниот допинг тест.
„Можам да потврдам дека бев известен дека мој примерок доставен до ФА содржел забранета супстанца. Ова е голем шок за мене, никогаш свесно и со знаење не сум користел забранети супстанци. Со мојот тим веќе почнавме да истражуваме како ова можело да се случи“ – се вели во пораката на Михајло Мудрик на социјалните мрежи.
„Знам дека не направив ништо лошо и останувам полн со надеж дека наскоро ќе се вратам на терените“.
Михајло Мудрик последен пат беше во составот на Челси на почетокот од декември, но остана на клупата. На следните четири натпревари беше изоставен, а тренерот Енцо Мареска објаснуваше дека Украинецот е болен.