понеделник, 3 март 2025

Муцунски-Сијарто: Македонија и Унгарија го поддржуваат мирот во Украина само со американско-руски договор

Нашата надворешна политика се базира на усогласеност со политиката на ЕУ и стратешкото партнерство со САД, изјави македонскиот министер за ндворешни работи на заедничката прес конференција со неговиот колега и домаќин во Будимпешта, Петер Сијарто. Сијарто пак кажа дека Унгарија и Македонија го поддржуваат мирот во Украина што може да се постигне само со американско-руски договор.

Објавено на

часот

Сподели

Секој што мисли дека може да се најде решение за војна и конфликт со гео-стратешки импликации без учество на Соединетите Американски Држави има несериозен и неискрен пристап кон конфликтот, изјави министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски.

Одговарајќи на новинарско прашање каква е нашата позиција во однос на тоа дека единствен начин да се стави мирен крај на војната во Украина се разговорите меѓу Америка и Русија, Муцунски посочи на Резолуцијата усвоена од Советот за безбедност на Обединетите Нации која повикува на мир.

„Во последните години сите зборуваме за почитување на меѓународното право и неговите принципи. Сега имаме правно-обврзувачка резолуција да бараме мир. Секој што мисли дека изнаоѓање на решение на таков тип на војна и конфликт, со такви гео-стратешки импликации, секој што мисли дека тоа може да се оствари без Соединетите Американски Држави, има несериозен и неискрен пристап кон овој конфликт“, рече Муцунски на заедничката прес-конференција во Будимпешта со унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто.

Тој нагласи дека надворешната политика на земјава се базира на три константи: полноправно членство во НАТО, усогласеност со заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија и стратешко партнерство со САД.

„Нашата надворешна политика како држава има три константи – нашето полноправно членство во НАТО и да останеме кредибилен партнер во НАТО, нашата 100 процентна усогласеност со заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија и сме целосно усогласени со ЗНБП на ЕУ, и нашето стратешко партнерство со САД. Пред сѐ и над сѐ во тој контекст е македонскиот национален интерес, и затоа повторувам дека сето ова што го правиме, сите одлуки што ги носиме се вклопени во таа рамка и се усогласени со нашите национални интереси“, нагласи Муцунски.

Посочи дека секоја одлука што ќе ја носиме ќе биде во рамките на овие три постулати земајќи го предвид нашиот национален интерес, во консултација со сите наши клучни стратешки партнери.

Сијарто пак кажа дека Унгарија и Македонија го поддржуваат мирот во Украина што може да се постигне само со американско-руски договор.

„Ние и Република Северна Македонија сме на страната на мирот. Го поддржуваме претседателот Трамп и исто така успехот на американско-руските разговори бидејќи јасно гледаме дека мирот може да се постигне само преку американско-руски договор. Македонците и Унгарците сме заинтересирани за враќањето на мирот и тоа го покажува нашата соработка од минатата недела во ОН кога ја поддржавме Резолуцијата на САД. На крајот беше усвоен предлогот на САД“, рече Сијарто на заедничката прес-конференција во Будимпешта.

Потенцира дека враќањето на мирот не е во интерес само на Северна Македонија и на Унгарија, туку на сите бидејќи, како што рече, зајакнувањето на економијата на државите и на ЕУ зависи од мирот и од проширувањето на ЕУ во правец кон Западен Балкан.

– ЕУ има потреба од свежа сила и тоа може да дојде само од Западниот Балкан, рече Сијарто, кој смета дека во моментов поголем е интересот на ЕУ за зачленување на некои држави отколку на самите држави.

Обвини дека „голем број држави лицемерно се однесуваат и дека ова придонесува за уривање на довербата на земјите од Западен Балкан“.

Постојано слушаме дека одлуката за членство во ЕУ треба да биде заснована врз основа на заслуги и Унгарија се согласува со тоа, посочи Сијарто, нагласувајќи дека овој принцип треба да се применува кон сите.

„Не може да се смета за заслуга ако има несогласувања меѓу држава земја членка и земја кандидат. Како што видовте ние секогаш сме се залагале за полноправно членство на Република Северна Македонија во ЕУ и затоа го потпишавме овој денешен договор“, рече шефот на унгарската дипломатија.

Сијарто рече дека имаме сјајна шанса за иднината „бидејќи благодарение на измените на другата страна на Атлантикот, сега се зголемува шансата за враќање на мирот во Европа“.

„Но, за жал има и сили кои се обидуваат се да направат и да го спречат мировниот договор на претседателот Трамп“, рече тој на прес-конференцијата.

Зборувајќи за Самитот на лидерите на ЕУ во Лондон, унгарскиот министер за надворешни работи рече дека осум членки на Унијата одлучиле да ја продолжат војната во Украина.

Министрите Муцунски и Сијарто попладнево во Будимпешта потпишаа акциски план за размена на експертиза од страна на Унгарската дипломатска академија за јавни службеници на меѓусебно договорени теми за интеграција во ЕУ, процесите на администрацијата на Министерството за надворешни работи и надворешната трговска политика. Ова претставува вовед во унгарско-македонската меѓувладина седница, која завршува утре со прес-конференција на премиерите Христијан Мицкоски и Виктор Орбан. Во македонската делегација се десет министри и двајца заменици министри.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ