недела, 20 октомври 2024
Во интервју за ЕФЕ

Mуцунски ја осуди билатерализацијата на процесот за пристапување кон ЕУ

Во интервју за шпанската новинска агенција ЕФЕ, министерот за надворешни работи и меѓународна трговија, Тимчо Муцунски ја осуди „непраедната билатерализација и двојните стандарди кои станаа дел од процесот на пристапување во Европската Унија“.

Објавено на

часот

Сподели

Муцунски во интервјуто, како што пренесуваат од неговиот кабинет, потсетил дека нашата земја има направено повеќе од која било друга за пристапување кон Унијата, а блокадите од нашите соседи ги поврза со интересите на трети страни кои, како што истакнал, не сакаат европска иднина за Западен Балкан.

Во однос на блокадата од Бугарија, Муцунски нагласил дека Владата останува на ставот за одложена примена на уставните измени.

„Ние сме земја која доби кандидатски статус во 2005 година и имаме многу позитивни препораки од Европската комисија за отворање на преговорите, но за жал сè уште не сме таму. Ова е нешто што го заслужуваме и се надеваме дека ќе го постигнеме што е можно поскоро“, истакнал Муцунски.

Тој додаде дека како држава направивме многу отстапки за исполнување на европските барања, а новата влада е подготвена да ги исполни и останатите услови за приближување кон стандардите на ЕУ.

„Тоа се критериумите по кои сакаме да бидеме оценети. Не е фер да се оценува нашата земја врз основа на субјективни билатерални стандарди кои немаат врска со ЕУ. Кога ќе има историска книга за одлучувањето и проширувањето на ЕУ, ние ќе бидеме поглавје за неправедната билатерализација“, заклучил Муцунски.

Интервјуто било реализирано за време на посетата на Муцунски во Мадрид, по повод 30-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи со Шпанија. Тој и неговиот шпански колега ги оценија односите како пријателски, со акцент на силната поддршка од Шпанија за побрза интеграција на земјата во ЕУ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ