среда, 15 јануари 2025

Муцунски: Да ги афирмираме нашите позиции со администрацијата во доаѓање, на инаугурацијата на Трамп во САД

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски вечерва изјави дека ќе биде дел од делегацијата која ќе ја предводи премиерот Христијан Мицкоски на инаугурацијата на новиот американски претседател Доналд Трамп во Вашингтон.

Објавено на

часот

Сподели

„Дефинитивното доаѓање на нова администрација на САД е значаен чин за нас. Мицкоски ќе ја предводи и нашата делегација таму. Заедно со него ќе бидеме дел од многу формални и неформални активности, како и на самата инаугурација. Да ги афирмираме  нашите позиции со администрацијата во доаѓање, да продолжиме да ги негуваме тие добри и лични односи – премиерот, јас и други чинители во Владата. Исто така, да го потврдиме и континуитетот којшто го очекуваме од американската надворешна политика, во однос на прашања поврзани со регионот, посветеноста кон европските интеграции, кон НАТО-алијансата, и сето она што за нас е значајно од гледна точка на европска и регионална безбедност и прашања кои како земја нас најмногу нè засегаат“, рече Муцунски, вечерва во гостувањето на Телма телевизија.

На последната посета во САД, Муцунски појасни дека имал средби со лица кои се дел од транзицијата на претседателот и оти, вели, се внимателни некогаш во објавата на тие имиња поради доверливоста на работата и специфичноста која ја вршат, бидејќи се администрација во доаѓање.

„Предноста на американскиот систем е што транзицијата е институционализирана, и веќе станува јасно кои лица добиваат одредени транзиции и имате со кого да контактирате. Јас остварив средба со лица кои ќе извршуваат одредени позиции во администрацијата во доаѓање, и тоа беше за нас битно. Во однос на нашиот регион и нашата држава, гледам сериозен позитивен интерес од страна на администрацијата во доаѓање“, потенцира Муцунски.

Тој оцени дека постои потреба од засилување на билатералните трговски односи со САД не само во делот на инвестициите, туку и во делот на увозно-извозното портфолиото на државата. Во овој дел смета дека со новата администрација, можеме да направиме позитивно поместување, земајќи ја предвид, вели, блискоста на премиерот Мицкоски со министерот за трговија, Хауард Лутник, кој беше во посета на земјава пред неколку месеци.

„Во делот на политичко-безбедносниот аспект кој ни е значаен, потребен ни е фокус и дополнителен стимул од САД за разбирање на предизвиците со кои се соочува регионот. Не потценувајќи дека и досега немало фокус, сметам дека сега релациите кои ги имаме како Влада, заради поединците коишто се поставени на одредени високи позиции, или кои очекуваме да бидат поставени на тие позиции во американскиот Стејт департмент да се засили тој фокус кон нашиот регион. Ние тука имаме сериозна предност и да знаеме да ја искористиме. Ние како држава имаме историска позиција во администрацијата во доаѓање, но умешноста е да го привлечете вниманието за да се добие тој заслужен фокус што ние како држава и регион го заслужуваме. Имаме прашања кои се од сериозен економски, политички и безбедносен карактер“, подвлече министерот Тимчо Муцунски.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ