На средбата беше нагласена силната и искрена врска помеѓу двете земји, заснована на долгогодишни пријателски односи. Министерот Муцунски ја подвлече важноста на поддршката од Полска во процесот на европските интеграции на Македонија, особено во контекст на актуелното полско претседателство со Советот на ЕУ.
Муцунски изрази уверување дека полското претседателство ќе го динамизира пристапниот процес на Македонија, овозможувајќи побрз напредок во исполнувањето на критериумите за членство и интеграцијата во ЕУ.
Вршителот на работите Бримора, пак, нагласи дека проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан останува приоритет на полското претседателство во следните шест месеци. Тој го поздрави реформскиот напредок на нашата земја, која сѐ поблиску се приближува до европското семејство, и потврди дека Полска силно и недвосмислено ќе продолжи да го поддржува нашиот европски пат.
Од двете страни беше повторена заедничката посветеност за зајакнување на билатералната соработка и регионалната стабилност, како и подготвеноста за континуирани напори во промоцијата на вредностите и принципите на ЕУ, со цел остварување на заедничкиот интерес за стабилна и просперитетна Европа, соопшти македонското МНР.