Провокациите на теренот се составен дел од фудбалот, но Филипе Луис сега откако стави крај на кариерата, откри дека еднаш претерал и побара прошка.
Поранешниот фудбалер на Атлетико раскажа како на едно градско дерби против Реал Мадрид упатил невкусни коментари за жената на Анхел Ди Марија и со леснотија ги добил сите дуели против Аргентинецот.
„Ќе си ја отворам душата и ќе го кажам најголемото каање во мојата кариера. Доколку има една работа која жалам што сум ја направил, и би сакал да ја исправам, тоа е против Анхел Ди Марија“ – вели Бразилецот.
„На еден натпревар помеѓу Атлетико Мадрид и Реал Мадрид, Кун Агуеро ми кажа, „Ако му ја спомнеш жената, ќе побудали“. Па упатив невкусни коментари за неговата жена и тој се изгуби. Лесно ги добив сите дуели со него, го надмудрив цел натпревар“.
„Но кога дојдов дома, толку многу се каев… па Ди Марија, навистина ми е жал што ти го направив тоа, извини“.