Погребот во Кочани е закажан за 12 часот а на него ќе чинонаначaлствува неговото блаженство архиепископот охридски и македонски г. г. Стефан во сослужение со повеќе архиереи од МПЦ-OA.
Директорот на ЦУК Стојанче Ангелов утрово упати апел да се остават унесреќените родители, за последен пат, во тишина и плач, да си ги видат своите настрадани чеда. Да им оддадат почит, да постојат до нив пред да бидат положени во вечното почивалиште.
„Целата македонска јавност е тажна и сочувствува со семејствата на 59-те настрадани лица во ужасниот пожар во Кочани. Но, тагата и болката на родителите, браќата и сестрите, роднините и другарите на настраданите е најголема. Затоа, Ве молам, денес да ги оставиме унесреќените родители, за последен пат, во тишина и плач, да си ги видат своите настрадани чеда. Да им оддадат почит, да постојат до нив пред да бидат положени во гроб. Да го оставиме Синодот на МПЦ предводен од Неговото Блаженство г.г. Стефан, поглавар на МПЦ ОА на гробиштата во Кочани како и свештениците во другите градови и села, непречено да ја одржат погребната церемонија“, се потенцира, меѓудругото, во повикот од Ангелов.
Во пожарот во дискотеката Пулс во неделата рано наутро загинаа 59 млади луѓе, а 178 се повредени.
Владата синоќа во соработка со Здружението на новинари (ЗНМ) и со Синдикатот на новинарите (ССНМ) изготвија безбедносен протокол за етичко известување од погребите.
За претставниците на медиумите кои ќе известуваат за настанот, полициските службеници ќе обезбедат посебна зона од патот на поворката, на 300 метри од влезот на капелата до градските гробишта во Кочани. Овој простор ќе биде обезбеден од припадници на МВР со цел да се гарантира ред и безбедност во означената област. На оваа зона исто така ќе важи забраната за управување со беспилотни летала (дронови).
Овој медиумски протокол, како што информираат од владината прес-служба, има за цел да ја заштити приватноста на семејствата на жртвите, додека истовремено овозможува новинарите и снимателите безбедно да го следат настанот од соодветна дистанца.
Министерството за внатрешни работи (МВР) синоќа информираше дека е издадена забрана за снимање од воздух (летање дронови) во осум општини во Македонија.
Осумте општини во кои е забрането летање на дрон се Кочани, вклучувајќи ги и селата Оризари, Тркање и Зрновци, Штип со околните места, Општина Чешиново-Облешево, вклучувајќи ги селата Соколарци и Чифлик,Струмица со околните места, Пробиштип со околните места, Македонска Каменица со околните места, Виница, вклучувајќи го село Митец и Скопје – гробиштата во Бутел, во Ѓорче Петров, гробиштата во село Горно Лисиче и во село Горно Нерези.
Порталите од здружението Онлајнмедиа одлучија дека нема да ги снимаат и фотографираат испраќањата на загинатите во кочанската трагедија.
„Во овој период на жалост, кога болката од згаснувањето на 59 животи е неизмерна, треба да се почитува приватноста на семејствата, а медиумите да известуваат одговорно и професионално. Бидејќи, загубата на овие млади животи е толку трагична и трогателна и воопшто не се потребни светлата на камерите да сведочат за лелекот на скршените души што ќе се збогуваат со своите чеда за последен пат“, велат од здружението Онлајнмедиа.