сабота, 21 декември 2024

Можат ли бугарските интелектуалци да ја скротат вревата на бугарската политика спрема Македонија?

Во напрегнатите македонско-бугарските односи, создадени во изминативе пет години, а предизвикани од политичките амбиции и претензии на бугарската политика во контекст на македонското пристапување во Европската Унија, некако постојано во втор план се наметнува прашањето – дали политиката целосно го потисна здравиот разум во комуникација на двете страни.

Објавено на

часот

Сподели

Од изгласувањето во октомври 2019 на првата Декларација во бугарското собрание за позицијата (т.е.условите) на Бугарија за пристапувањето на Македонија во Европската Унија, па до сè уште актуелниот француски предлог , во кој е вграден нестандарден услов (според Копенхашките критериуми) за внесување на бугарското малцинство во македонскиот устав за да започнат преговорите со ЕУ…, доминира впечатокот во македонската јавност за провоцирачкиот тон на бугарската политика, секогаш подготвена да го негира македонскиот национален идентитет со сите негови атрибути. Во така создадениот амбиент во македонско-бугарските односи, како шепот во бура звучат повремените реакции на неколкумина бугарски интелектуалци, кои здраворазумски и критички ги оценуваат барањата и уцените на официјална Софија во преговарачката рамка на ЕУ за Македонија, за уставни измени.

Неодамна, во интервју за македонскиот весник „Слободен печат“, бугарскиот академик, Димитар Атанасов, јавно искажа дека барањето за внесување на Бугарите во македонскиот устав е срамно и нема да ги разреши постарите, но и новосоздадените проблеми во македонско-бугарските односи на сите нивоа.

„Не еднаш сум рекол дека тоа е едно многу срамно барање. Внесувањето на Бугарите во Уставот и гарантирањето на малцински статус нема да има апсолутно никаков ефект. Според меѓународното право за малцинствата, тоа е група која има дистинктивни различни елементи од тие на мнозинството. Тоа се приказните за минатото, народните традиции, јазикот итн. Но во бугарско-македонскиот случај дел од тие услови не се исполнети… Доколку разликите меѓу Бугарите и Македонците не се големи, тоа не значи дека ние не сме два народа, не значи дека немаме различни јазици, туку само дека се мали тие разлики и тешко може да утврдат бугарско малцинство во Македонија. Давањето малцински статус за жал е во корист на бизнис интересите на бугарските националисти кои до денес ја злоупотребуваат каузата за Македонија. Тие луѓе политички се исклучително периферни, на последните избори беа под 1 процент и веќе никој не ги сфаќа сериозно. Но продолжуваат да имаат влијание во Македонија. Нивните луѓе на терен продолжуваат да работат. Во моментот кога на Бугарите ќе им се признае статус на малцинство, тоа гарантира присуство во институциите, влез во локалната власт. Тие луѓе, Бугари кои сакаат да продолжат да прават бизниси користејќи го двостраниот конфликт како основен инструмент се стремат кон тоа, да влезат на пример во општинските совети и иако знаат дека нема да бидат мнозинство на „корупциски дилери“ ќе им вршат голема работа. Би можеле да бидат посредници на определени влијанија – трговци со влијание. Од тој аспект, не помагаме на бугарско-македонскиот спор, туку помагаме на бугарската мафија и на македонските коруптивни соработници. За жал, внесувањето на Бугарите во Уставот ќе доведе до тоа“, вели во дел од интервјуто“, академик Димитар Атанасов.

Тој смета и дека внесувањето на Бугарите во македонскиот устав нема да биде последниот услов на Бугарија во евроинтеграциите на Македонија, со оглед на тоа „колку пати бугарскиот претседател ја смени својата позиција и колку пати беа поставувани нови услови, не би им верувал“.

Парадоксално, но колку повеќе се настојуваше да се најде решение (од повеќе европски земји што претседаваа со ЕУ) за проблемот што ѝ го наметна Бугарија на Македонија на патот кон ЕУ, толку повеќе работите се заплеткуваа во апсурд, кој  македонските евроинтеграции ги исфрли од колосекот на Копенхашките критериуми. По декларацијата на бугарското собрание од 2019 година, официјална Софија во 2020 година испрати објаснувачки меморандум до сите земји членки на ЕУ, во кое наведе дузина барања и услови за Македонија за започнување на преговори. Навистина, тогаш група бугарски интелектуалци реагираа на овој потег на официјалната бугарска политика, кои упатија заедничко писмо, во кое како потписници истакнаа дека „меморандумот не ги рефлектира достигнувањата на голем број бугарски историчари во последните децении, а е неразбирлив и за Европа“. Според бугарските научници кои го потпишале писмото-петиција, тврдењата за датумот на раѓање на една нација и на јазик се научно неодбранливи и се спротивни на достигнувањата на историската наука, како и на општествените и хуманистичките науки воопшто.

„Тврдењето за заедничка историја до 1944 година, недвосмислено толкувано како бугарско, е неубедливо“, пишуваа уште во 2020 година бугарските научници, вклучително и историчарите Стефан Дечев, Чавдар Маринов, Александар Везенков, политиколозите Димитар Бечев, Дејан Кјуанов, Ружа Смилова, културолозите Александар Ќосев и Албена Хранова, економистот Красен Станчев

Апсурдноста на бугарската позиција во спорот што ѝ го наметна на Македонија и ги измести критериумите за проширување на Европската Унија е заснована главно на никогаш нерелаизираниот историски сон за санстефанска Бугарија. Според тој неостварен сансфефански проект од крајот на 19 век, Македонија и Македонците се „романтичен дел“ од бугарската историја, нереализирана држава и од бугарската нација. Според собраниската декларација и меморадндумот до ЕУ-земјите на бугарската официјална политика, низ процесот на преговори на Македонија со ЕУ, треба да се докаже и спроведе проектот за негација на автентичноста и „укинување“ на македонската нација, јазик и историја. „Легитимитет“ за таквиот свој проект за негација и асимилација на македонизмот, бугарската официјална политика виде до Договорот за добрососедство и онаа контроверзна формулација за „заедничка историја“, од која произлезе и Заедничка мултидисциплинарна комисија за историски и образовни прашања. Сепак, во овие пет години,одвреме-навреме се огласуваа бугарските интелектуалци кои застапуваа  пологични тези за македонизмот, кои во голема мера отстапуваат од оние на бугарската официјална политика.

На пример, бугарскиот професор д-р Стефан Дечев, историчар и предавач на Нов бугарски универзитет, Софија, смета дека ставот на некои политичари во Бугарија дека историјата е заедничка, односно бугарска, тешко може да биде научно поткрепена. Според Дечев, создавањето на македонската нација не е ништо поразлично од секоја друга нација, а македонскиот јазик е вештачки исто колку и секој друг стандардизиран јазик, односно дека не може официјален јазик да биде дијалект.

Не случајно нашата позиција не го зема предвид ставот на Скопје. Ние треба да погледнеме во сопствениот двор и да ја видиме нашата вина, а другото да го оставиме на македонската страна. Нашата вина може да ја лоцираме и во општеството и меѓу ставовите на некои политичари, кои сметаат дека постои заедничка историја на една нација и дека до 1944 година таа е само бугарска. Оваа позиција тешко може да издржи експертиза на сериозната историографија. Заедничката бугарска историја со  Македонија не е онаква каква што ја сметаат бугарските историчари – тие грешат. Таа започнува во средината на 19 и почетокот на 20 век за време на револуционерните движења, кога беше тешко да се каже што е бугарско, а што македонско. Убедени сме дека македонската нација и процесот на нејзиното создавање, и покрај сите специфики и особености, не се разликуваат од процесите на создавањето на која било друга нација… Сѐ додека не се разбере дека идентитетот на една нација е динамичен и не е генетски пренесен, сите преговори во мешаната комисија ќе бидат непотребни и ќе дојдат до ќорсокак“, вели Дечев.

Бугарските согледувања никогаш не отстапуваат од тезата дека македонизмот, па и македонскиот јазик се вештачка конструкција, создадена од Коминтерната?! Професорот Александар Ќосев, историчар на културата и литературен научник, професор на софискиот универзитет „Св. Климент Охридски“,  сепак вели дека македонскиот јазик е исто толку вештачка конструкција, како што е и бугарскиот јазик.

Историјата на македонскиот јазик не започнува со Коминтерната и нејзината хипотетичка интервенција во 1945 година. На оние кои тврдат дека македонскиот јазик е вештачки мора да им се каже дека и бугарскиот јазик е вештачка конструкција, создаден е во 19 век. За мене нема дилема дека македонскиот јазик е посебен литературен јазик и дека луѓето го користат. Тоа не е дијалект, бидејќи дијалектот се користи во одредени функционални сфери на општеството, односно дома, во секојдневниот живот, во домашна смисла, на нивоа, но дијалектите не можат да им служат на сите сложени современи сфери на животот. Тие не можат да се користат во болници, училишта, дипломатски канцеларии. Значи, македонскиот јазик од оваа гледна точка е полноправен јазик“,  категоричен е професорот Александар Ќосев.

Тој смета дека историјата на македонскиот јазик не започнува со Коминтерната и нејзината „хипотетичка или нехипотетичка интервенција“ во 1945 година.

Започнува многу порано, кога источните и западните дијалекти во овие земји почнаа да се оддалечуваат и да имаат различни културни судбини. Секој што го читал списанието ’Македонија’ знае што пишува таму за македонскиот јазик Петко Славејков. Со два збора, македонскиот јазик од една или друга причина се одвои, има самостојна судбина, му служи на целото македонско општество, на тој јазик е напишана моќна поезија“, вели Ќосев.

Според него, македонскиот јазик има традиција и тој што го негира тоа мора да е слеп, а тој што го сведува на некакво потекло мора да запомни дека зборот потекло има две значења – потеклото на родот и потеклото на поединецот.

Никој не може да им го одземе чувството дека го зборуваат својот мајчин јазик на Македонците“, категоричен е Александар Ќосев.

Во однос на тоа кој ја провоцира затегнатоста во македонско-бугарските релации, универзитетскиот професор-социолог Георги Фотев од Бугарија, кој има објавувано трудови од областа на човековите права и соработувано со Филозофскиот факултет во Скопје, прстот го вперува во претставниците на бугарската политичка елита.

„Нагласувам, главниот проблем е во Бугарија. Ние во Бугарија имаме парламентарно претставена партија која брутално е против признавањето на идентиетот на Македонија. Од таа партија тврдат дека Македонците се Бугари, дел од Бугарија… Од друга вонпарламентарна парија, која има претставник во Европскиот парламент, говорат нешто што апсолутно нема никаква врска со европските вредности и прават паралели меѓу Советскиот Сојуз и Европската Унија, иако разликата е космичка. Оттука можеме да видими какви сме ние. Луѓето кои тргнаа да се поклонуваат на гробот на Гоце Делчев, се луѓе кои јавно искажуваат дека нема македонска нација, дека тие се Бугари, итн… И што сакаме ние сега? Како би се чувствувале ние некој да каже – вие не сте Бугари? Не знам колку од тие луѓе во парламентот (бугарски, н.з) што ги опишав знаат дека Македонија, за ралика од западните покраини, никогаш, ниту еден ден, не била дел од бугарската национална држава“, кажа во една емисија на бугарските медиуми професорот Георги Фотев, минатата година, кога беше создадена уште една тензија во билатералните односи меѓу Македонија и Бугарија, креирана од бугарски политичари кои сакаа да органиираат помасовно поклонување на Бугарите во Скопје, во црквата Свети Спас, на 4 февруари, роденденот на македонскиот релоуционер Гоце Делчев .

И покрај одредени провејувања на гласот на разумот во бугарската, главно интелектуална јавност за односот спрема македонското прашање, бугарската политика не отстапи и успеа да ги наметне како услов  во преговарачката рамка на ЕУ за Македонија, своите нереципрочни барања за менување на македонскиот устав со внесување на бугарското малцинство. Тоа е само услов за отворање на поглавјата од преговарачката рамка, додека останатите услови од претходните декларации и меморандуми на бугарското собрание во „зипувана форма“ се додадени во вториот протокол од меѓувладина седница на Македонија и Бугарија. Настојувањата на актуелната македонска влада за спроведување на бараните уставни измени со одложено дејство до завршувањето на преговорите и пред гласањето за членство на Македонија во ЕУ , засега (очекувано) не е прифатливо за Бугарија, а за  ЕУ тоа преставува „комплицирана процедура“ за менување на македонската преговарачка рамка, иако е своевидна деградација на основните принципи на самата Унија, како и на Копенашките критериуми за проширување.

Овие интелектуалци, историчари и пред сè современици кои веруваат во заедничка иднина и на бугарскиот и на македонскиот народ под чадорот на ЕУ недвосмислено и елоквентно ги имаат искажано и покажано своите убедувања. Јас, а и многу други упатени во менаџирање конфликти, меѓународни преговори и мултилатерала, веруваме дека ова се луѓето кои треба да бидат дел од дијалогот кој е неопходен меѓу двете држави. Учени луѓе, професионалци со солиден морален компас има од двете страни, но конфликтот го направија бизнисмени преоблечени во политички одежди за да вршат притисоци и да профитираат онаму кај што тешко се врти осовина ако не се доведе водата до точка на вриење. Затоа мора да се постави целиот процес поинаку, имено:  да се оддели овој процес од евроинтегративните процеси и да вклучува експерти кои го посветиле животот на човекови, малцински права и ги владеат принципите преговарани и донесени, заклучени и утврдени во ЕУ, ООН, ОБСЕ, Совет на Европа и многу други форуми. Да видиме новава Влада колку искрено ќе се обиде да го смени правецот. Не велам дека мора да има успех, ама мора да направи обид да ги исправи грешките кои се злоупотребуваат како преседан и оставаат простор да прифатиме дека мрзлива дипломатија и некреативни решенија се единствените опции на маса“, вели Ида Мантон, професорка за меѓународни преговори и медијација.

Јaсминка Павловска

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ