четврток, 12 декември 2024

Москва: Американската помош за Киев е кражба

Помошта од 20 милијарди долари за Украина што САД ја објавија во вторникот ќе биде финансирана од каматите од руските средства замрзнати со санкции и претставуваат „кражба“, обвини денеска руското Министерство за надворешни работи, предупредувајќи дека ќе возврати.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Давањето уште еден заем што го најави американското Министерство за финансии е банална кражба“, соопшти руското Министерство за надворешни работи.

САД во вторникот деблокираа 20 милијарди долари за Украина, својот дел од заемот од 50 милијарди долари ветен од Г7, кој ќе биде отплатен со камата од руските средства на Запад замрзнати како резултат на санкциите.

По неколкумесечни дискусии, лидерите на Г7 во октомври склучија договор за користење на каматата од замрзнатите руски средства на нивната територија како резултат на меѓународните санкции, за да гарантираат заем од 50 милијарди долари за Украина.

„Овие средства, финансирани од вонредни приходи од блокирани руски средства, ќе ѝ ја дадат на Украина потребната поддршка“, рече во вторникот американската министерка за финансии Џенет Јелен.

Руското министерство соопшти дека Г7 краде туѓи пари и го осуди „русофобниот елан“ на владата на американскиот претседател Џо Бајден, на неколку дена од крајот на неговиот мандат.

„Ниту една псевдоправна позиција, во голема мера дозирана со лицемерие и двојни стандарди, нема да остане без одговор“, предупреди руското Министерство за надворешни работи.

„Русија има доволен капацитет и влијание да одговори со запленување на западните средства под нејзина јурисдикција“, се додава во соопштението.

Во последните недели, администрацијата на Бајден ја засили помошта за Украина пред инаугурацијата на Доналд Трамп на 20 јануари. Во саботата веќе објави 988 милиони долари помош за Киев.

Трамп, од друга страна, рече дека има намера да ја намали американската помош, од витално значење за Украина, веднаш штом ќе ја преземе функцијата за нешто повеќе од еден месец.

Износот на замрзнатите руски средства во земјите од Г7, главно во Белгија, каде што се наоѓа Евроклир, централниот депозитар на хартии од вредност, изнесува околу 300 милијарди евра, од кои годишно се остваруваат до три милијарди евра приход.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ