Како што изјави Мицкоски, тендерот ќе биде распишан, а дека засега компаниите што се заинтересирани го анализираат пазарот и, како што рече, можеби ќе има и други компании што ќе потпишат меморандум.
Според премиерот, за Владата е највжаен интересот на граѓаните – поголема конкуренција и пониски цени.
„Тендер мора да има. Меморандумот е необврзувачки со кој компанијата 4иГ пројавува интерес дека е заинтересирана да се појави на тој тендер, не може тоа да биде дадено во четири очи. Доколку има и други компании што се заинтересирани и сакаат да потпишат ваков необврзувачки меморандум, тоа ќе биде потпишано“, истакна Мицкоски, одговорајќи на новинарски прашања по пуштањето во употреба на доградбата на градинката „Гоце Делчев“ во општина Илинден.
Повторно порача дека завршило времето на договори во четири очи.
„Заврши времето на договори во четири очи како што беа тие во кичевски ТЕК Осломеј, во РЕК Битола. Заврши времето кога голобради момчиња купуваа трговски центри во центарот на Скопје, кога се играше фудбалче и баскетче во канцелариите на Владата. Сега е време кога треба да се развива Македонија заедно со македонските граѓани и кога треба да владее правото. Тоа е суштината на работа на оваа Влада“, нагласи премиерот.